Започнува реализацијата на проектот „Директорите на ФЗОМ директно со осигурениците“.
Директорите заедно со стручниот тим ќе ја посетат подрачната служба Скопје. Идејата на проектот е еден ден во неделата директорите на Фондот, Сашо Стефаноски и Орхан Рамадани, заедно со стручниот тим, да поминат најголем дел од работното време, во подрачните служби на Фондот и работејќи заедно со вработените, на лице место да остварат непосреден контакт со осигурениците. Од „прва рака“ ќе може да се информираат дали осигурениците се задоволни, дали се правилно упатени каде да ги остварат нивните права и каква е ефикасноста на вработените во подрачните служби на Фондот.
Се очекува дополнително директорите на Фондот да направат директен увид во работните процеси, да се утврди дали постои некое тесно грло, за да се надмине. Од осигурениците ќе слушнат дали лесно ги остваруваат своите права или можеби е потребна админстративна корекција за доуредување на некое право или забрзување на некоја постапка. Се планира секоја работна недела да се посетува различна подрачна служба, во цела Македонија, за што осигурениците навремено ќе бидат информирани.
Истовремено, со овој проект ќе може на изворен начин да се следи и работата на вработените во подрачните на Фондот и нивната посветеност во остварувањето на правата. Овој проект е во насока на поголема отченост, транспарентност, поефикасно работење, градење на тимски и организациски дух на Фондот, чија визија е задоволни осигуреници.