Проект за успешни жени во општина Аеродром

Работилница „Како до сопствен бизнис“, на која предавачи ќе бидат стручни лица од НВО „Линк Акросс“ ќе се одржи во среда од 11 часот во просториите на Општина Аеродром.Ова е трета по ред работилница, на која ќе се разгледува можното позиционирање на пазарот и буџетирањето, а потоа учесничките ќе поставуваат прашања што треба да ги доведат до вистинска одлука.

Претходно, во рамки на проектот „Инспирирај – ние сме жени лидерки во нашите заедници“, се одржаа две работилници, од кои на првото предавање на присутните жени им се објаснија основите на претприемништвото, а предавач беше Виолета Манчевска, додека на второто предавање заинтересираните жени беа запознати со активните мерки и програми што Владата на Република Македонија преку Агенцијата за вработување им ги нуди на жените со цел да се намали невработеноста.

Проектот е финансиран од организацијата на жени на Обединетите нации (UN Women), а го спроведува Македонско женско лоби во соработка со Евробалкан и неколку други невладини организации.
Целта на овој проект е преку процес на менторирање да се поддржат активностите на Комисиите за еднакви можности во 22 општини, меѓу кои и Општина Аеродром, а активностите во Општина Аеродром се насочени кон отворање Центар за ран детски развој во Долно Лисиче, како и поддршка на мајките за вработување и самовработување.

1.7.2014
Општина Аеродром