Проектот „Македонија вработува“ промовиран во Велес

Доцна попладнево вработени од Агенцијата за вработување во Велес на штандови делеа флаери и друг пропаганден материјал на сите заинтересирани граѓани и ги информираа подетално за Владиниот проект „Македонија вработува“, пренесува Курир.

Велешани имаа можност за овој и останатите владини проекти за вработување и самовработување да добијат информација и од Влатко Поповски, директорот на Агенцијата за вработување и раководителката на Агенцијата за вработување во Велес, Весна Јакимовска.

Директорот Влатко Поповски појасни дека караванот за претставување на овој владин проект и Агенцијата за вработување започнува од Велес, бидејќи, како што потсети, овој град важеше за град со најголем број невработени во земјава, а воедно има и голем број на компании коишто се во развој и бројни инвестиции кои доаѓаат.

– Преку ова упатуваме порака дека тргнуваме да го решиме проблемот со невработеноста и преку овој проект планираме да вработиме поголем број на граѓани од Велес и велешко. Самиот проект „Македонија врабоува“ планира најмалку 20 илјади работни места, а досега се вработени 1.200, а тој број постојано расте, потенцира Поповски.

Информира дека голем број заинтересирани компании прашуваат за условите и што се треба да исполнат за да се вклучат во проектот.

– Јас во сите оние разговори со претставниците на компаниите увидов дека тие добро се запознати со проектот, а како поткрепа на тоа од вчера веќе имаме и поголем број на апликации на компаниите кои ја увидоа предноста на проектот „Македонија вработува“. Воедно ние преку нашиот портал во секое време нудиме над 5.500 работни места коишто се отворени. Тоа значи во секој момент секој заинтересиран граѓанин може да провери во својата општина дали има слободно работно место од неговиот профил, а доколку нема за неговиот профил ние преку Агенцијата му овозможуваме преквалификација, а се со цел потоа полесно да си најде работа, потенцира Поповски.

Во најскоро време преку овој проект во Велес ќе се отворат 50 работни места, од сите категории на невработени опфатени со овој проект, а посебно оние над 58 години и невработени од ранливите категории на граѓани, а кои најтешко се вработуваат.

Одговарајќи на новинарско прашање директорот Поповски рече дека најпрво за проектот се интерсирале во услужните дејности, а потоа и во производството.

Како пример посочи Поповски, во четвртокот за првиот оглас на фирмата „Гентер“ во Прилеп за 100 работни места првиот ден биле доставени над 800 биографии.

Поповски информира дека за неколку дена ќе го објават вториот оглас за проект за самовработување со неповратни средства со три илјади евра грант. Воедно првите 500 бизниси од првиот повик се веќе во завршна фаза на одобрување, а ќе останат уште 430 за одобрување во наредниот период.

– Воедно треба да потенцирам дека најдобрите, најиновативните и најсамоодржливи бизнис проекти ќе добијат над три илјади или скоро четири илјади евра, средства за започнување на бизнис. Тоа е така бидејќи тие бизниси ќе овозможат не едно туку отворање на повеќе работни места, потенцира Поповски.