Проектот „Млад земјоделец“ значително го заживува и унапредува македонското земјоделство

Проектот „Млад земјоделец“ се одвива со добра динамика и досега овозможил вработување на 300 млади лица. Од Федерацијата на фармери ја поздравуваат успешноста на овој влади проект со кој, како што велат, се заживува и унапредува македонското земјоделство од една страна, а од друга се задржуваат младите во земјава. Очекуваат дека ако за една година своја егзистенција преку проектот обезбедиле 300 лица, бројката најмалку двојно ќе се зголеми до крајот на идната година.

 

„Федерацијата на фармери во целост го поддржува проектот „Млад земјоделец“ преку кој многу млади се задржуваат во своите огништа и да не ја напуштат државата, а воедно придонесува и за аграрот кој добива свежи сили и според мене ваквите проекти даваат само позитивнен имплус за македонското земјоделие и за државата воопшто. 300 луѓе веќе активно работат и преку овој проект си обезбедуваат егзистенција, но јас сметам дека нема да застане само на овие 300 лица, ќе има уште млади земјоделци кои ќе се вклучат во унапредување на земјоделието и во активностите во делот на аграрот  и веруваме дека оваа бројка ќе се зголеми на 700-800 млади земјоделци, посочува во изјава за Нет Прес, претседателот на Федерацијата на фармери на Република Македонија,  Никола Стаменов.

 

Досега за оваа мерка, како што изјави пред неколку денови лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, се инвестирани над 2,5 милиони евра.

 

Проектот „Млад земјоделец“ е дел од во партиската програма на ВМРО-ДПМНЕ од 2014. Лидерот на партијата оцени дека истиот се одвива со добра динамика, со оглед дека согласно таа програма годинава со 10.000 евра помош се финансираат 124 млади земјоделци, но и лица кои првпат почнуваат да се занимаваат со земјоделство, за што се обезбедени над 70 милиони денари.

„Проектот е одличен, дава добри резултати, помага на многу млади земјоделци и помага на многу млади луѓе да почнат да се занимаваат со земјоделство и со тоа да си ја обезбедат својата егзистенција. Често многу од овие луѓе се невработени лица, примаат социјална помош или живеат од средствата на своите родители. Со оваа поддршка и со неколку други активности што тие самите ќе ги направат во прибирање на средства за почнување со работа практично се овозможува многу луѓе да излезат од групата на невработени или на приматели на социјална помош и да влезат во група вработени и луѓе кои остваруваат приходи за себе, за своето семејство, а можеби со тек на време ќе почнат да вработуваат и други лица, истакна Груевски.

 

Со 10 илјади евра за отпочнување бизнис во земјоделскиот сектор , државата ги поддржува сите оние кои со бизнис план ќе аплицираат до Платежната агенција.

Поддршката за започнување со земјоделска дејност се доделува на млад земјоделец на возраст од 18 до 40 години старост кој за прв пат започнува да се занимава со земјоделска дејност преку преземање на постоечко земјоделско стопанство или со воспоставување на ново земјоделско стопанство. Парите се исплаќаат според деловниот план на подносителот. Земјоделците средствата најчесто ги побаруваат за нови насади, набавка на нова механизација и развој на агробизнисот.

Од федерацијата на фармери очекуваат дека со ваквите проекти значително ќе се унапреди аграрот и дека младите со своите знаења и модалитети значително ќе придонесат за развојот на земјоделието во Република Македонија.