СДСМ без срам и перде своите пропусти и неодговoрно работење се обидува да ги префрли на други. Водоснабдувањето во општина Сопиште се решава со проектот „Водовод Патишка Река“, проект чија реализација е стопирана токму од страна на владата на СДСМ, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Имено за изградба на овој водоснабдителен систем со кој се решаваат проблемите на граѓаните од општина Сопиште целокупната документација и средства се обезбедени уште во 2015 година од страна на претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, но за жал неговата реализација е прекината во октомври 2019-та година од страна на Владата на СДСМ, бидејќи средствата беа укинати со ребаланс на Буџетот. Од тогаш до сега владата на Заев и СДСМ не ги вратија овие средства заради што проектот не е финализиран, а тоа веројатно го прават од партиски и политички причини“, стои во партиското соопштение и се додава:
„СДСМ сакаат како и во низа други случаи да ги запостават проектите почнати од страна на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со цел после тоа да си ги припишат како свои. Така е и случајот со изградбата на патниот правец Кисела Вода-Сопиште-Горно Соње-Долно Соње-Говрлево, исто така проект испланиран и почнат со реализација од страна на претходната власт во 2016-та. Оваа главна патна артерија во општина Сопиште беше планирана за изградба во три фази и тие се веќе завршени. Првата фаза од Говрлево до Долно Соње беше завршена во 2016-та, втората фаза од Сопиште до Кисела Вода во 2017-та, а третата фаза иако беше одложена поради поставување на дел од цевководот од проектот Водовод Патишка Река, сепак е финализирана. Така што СДСМ очигледно и за овој проект се обидува да се кити со туѓи перја.
СДСМ својата неспособност и неодговорност ја покрива на два начини. Тоа или го прави со префрлање на вината на друг или пак краде туѓи проекти и ги припишува како свои“.