Проеска ветува изградба на градски плажи на Крушевското езеро и развој на етно и селски туризам преку нов комплекс етно село

„Од овде, од славно Крушево, ве повикувам, сите вас Македонци, Албанци, Власи, Турци, Бошњаци, Роми, ве повикувам заеднички да застанеме под бајракот на нашата мила Македонија! На оваа наша татковина на која име и менуваа и од која се одрекоа, и требаме ние вистинските родољуби, прво за да ја зачуваме, а второ за да ја изградиме и да ја направиме најубаво место за живеење“, истакна кандидатот за градоначалник на општина Крушево, Билјана Проеска од митингот.

Проеска додаде дека на Крушево му требаат луѓе со визија, луѓе со способност, вештина и мудрост, луѓе со природно признание и почит од својот народ.

„Мојот мотив да влезам во оваа борба за градоначалник на Крушево е  иднината на младите, кои особено во последниве години станаа вистинска жртва со назадувањето на градот, со немањето перспектива и надеж, дека иднината можат да ја планираат во својот роден град. Втората причина е мојата подготвеност, Крушево,  сериозно да се наметне како препознатлив туристички центар, како место кое изобилува и со природни, но и  непроценливи културно – историски богатства. Крушево – симбол на прогресот, заедништвото и борбата за слобода и достоинство, заслужува дефинитивно поинаков третман и од централната власт и неправедно е да биде жртва на ситни партиски интереси, неспособност и незнаење“, нагласи Проеска.

Проеска посочи дека третата причина е сигурно инфраструктурата, секојдневното функционирање на градот и сите населени места во општината. Четвртата работа на која максимално ќе се посвети се инвестициите и отворањето нови работни места.

„А, како следен предизвик, петти по ред, секако бидејќи сум жена, е местото на жената во Општината, родовата еднаквост и можностите крушевската жена, позната по своите високи квалитети, да биде препозната како вистински симбол на Крушево и во економска и во социјална смисла. Со силна поддршка на жените во делот на претприемништвото, сметам дека ќе се избориме заедно крушевската жена да биде и носител на дел од економскиот развој и просперитет на Крушево. Во овој дел секако сметам на максимално искористување на европските фондови, како и можностите за регионална соработка“, рече Проеска.

Проеска укажа дека во Крушево најголем проблем е водоснабдувањето, како во градот, така и во руралните средини. Чистотата на градот, паркингот се секојдневни проблеми. Но, најголем проблем е вработувањето. Се обврзуваме за овозможување услови за отворање на фабрики, кои ќе бидат клучот за подобра иднина на Крушево. Туризмот, во последниве години е главна егзистенцијална гранка на крушевчани и токму затоа треба туристичка понуда за сите четири сезони, а ние знаеме како тоа да го направиме.

„Ќе реализираме реконструкција и санација на училишните згради и санитарните јазли во селата: Бучин, Св. Митрани, Врбоец, Алданци, Норово, Саждево, Јакреново, Борино и Белушино, како и обезбедување енергетска ефикасност на просториите и објектите на училиштата и градинката. За младите кои се мотив за наша заложба и подобро утре за Крушево ќе инвестираме во изградба на трим патека до крстот на вршник, изградба на фитнес зона, современи патеки за триатлон и полигон за стрелаштво, уредување на рекреативна пешачка патека Крушево – Слива – Езеро, изградба на скејт парт, реконструкција на стадионот до с. Бучин и с. Пресил, како и изградба на повеќе наменски игралишта во сите рурални населени места. За средношколците ќе обезбедиме субвенциониран оброк, а за учениците и наставниот кадар ќе бидат мотивирани преку избор на најдобар наставник и најдобар матурант. Она што се провлекува како проблем во градот, секако се и нерешените станбени прашања на многу семејства, за кои ние ќе најдеме решение, обезбедувајќи социјални домови“, нагласи Проеска.

Проеска додаде дека главен проект ќе биде 4сезони Крушево, каде во текот на цела година ќе бидат понудени туристички активности, со доизградба на инфраструктурата во викенд зоната кај Езерото, изградба на функционален објект на Мечкин Каме, изградба на градски плажи на Крушевското езеро, развој на етно и селски туризам преку нов комплекс ЕТНО СЕЛО во населените места Арилево, Долно Дивјаци и Пуста Река, како и изградба на жичара од параглајдинг полетувалиштето до Стопанство.

„Значи, само со посветеност, искрен пристап и цврст сојуз со граѓаните на општина Крушево, без разлика на вера, пол и политичко убедување,можеме сите заедно да направиме вистински чекор во влог за иднината на младите,иднината на нашите деца. Вие граѓаните на Крушево ќе бидете мој прв тим, во консултација со вас ќе ги носиме решенијата за проблемите и заедно со вас ќе ги утврдуваме приоритетите. Се надевам дека навистина тоа ќе го препознаете и дека на 17-ти oктомври ќе гласате за бројот 7, а јас доследно, транспарентно и секогаш во увид на јавноста, посветено ќе ја водам борбата, Крушево да стане поубаво место за живеење“, нагласи Проеска.