Проф. д-р Јаневска: За кого беше овој театар? За тие што искрено сочуствуваат и тагуваат вакво нешто не требаше

За кого беше овој театар? За тие што искрено сочуствуваат и тагуваат вакво нешто не требаше. За семејствата не требаше. Тие брзаа да ги закопаат своите пред зајдисонце, како сто налага обичајот, а денот на 3 Декември е краток, рано се стемнува. Никој ли од протоколот не се сети на ова, па предвиде и поворка да се движи низ Скопје? За гласачите ли беше ова? Мислите дека пак ќе ве гласаат? Така ги лажете? Не ли ви е срам и нели ви е жал? Жално е, луѓе загинаа. Луѓе, прашува професорката Весна Јаневска.

Ова е нејзиниот фејсбук-статус.

Денес е меѓународен ден на лицата со попреченост.
На овој според мене особено значаен ден кој треба да го покаже сето наше човекољубие и сочуство се случија два настани кои всушност покажуваат колку човековото однесување може да биде несериозно, будалесто и лицемерно.
Прво, министерката Мила Царавоска се пофали колку многу сторила за подобрување на состојбата на лицата со попреченост. За жал целосната инклузија во реалност не функционира така како што е замислена и прикажана на хартија, а учениците со попреченост секојдневно се соочуваат со сериозни промени. Можеби на овој ден, ќе беше посоодветно поскромно да се набројат напорите кои се прават за севкупно подобрување на состојбата на овие ученици и со доза на сочуство да се признаат потешкотиите и на овие луѓе да им се понуди надеж за подобрување на нивното образование и живот. Очекував малку повеќе емоција наместо професионално набројување и тоа не на баш успешни проекти.
Второто беше пострашно. Денес во Македонија стигнаа останките на починатите од запалениот автобус во Бугарија. Останките ги пречека целиот политички врв од земјава со почесна церемонија. Да им е лесна земјата на мртвите и да почиваат во мир!
Сепак, да имав јас изгубено 5 челена од моето семејство во стар, лажно налицкан автобус, без лиценца, со лажни таблички кој гори за три минути немаше да сакам очи да им видам на сите тие наредени во кордон, кој требаше да покаже дека сочуствуваат со мене. За мене би било тоа навредливо. Ако сака било кој од власта да покаже сочуство со семејствата на починатите треба да превземе акција за воведување на правен систем во земјава и владеење на правото. Замислете кое лицемерие е тоа кога луѓето кои дозволиле превозни фирми во оваа држава да функционираат надвор од сите правила и закони да се поклонуваат на посмртните останки пред нивните семејства. Наредениве, не само што дозволиле да постојат вакви фирми, туку и им овозможиле услови за такво нешто. Нели Дурмо турс беше некаква опомена? Не било. Замислете колку ароганција и нечовечност треба, а и НЕУКОСТ и простотилак за да дозволиш да владее вакво беззаконие. Тоа нормалните луѓе го викаат криминал, а овие наредениве го викаат бизнис. Нелегален и неказнив бизнис. Човекот кој е одговорен за сите прекршоци, газдата на фирмата се осмелува да ни каже дека смртта на луѓето во неговиот “распад“ автобус била Божја воља? Какво лицемерие. Тој добро го познава менталитетот на своите сограѓани и знае дака таа изјава ќе го потсмири бунтот, барем кај некои од нив. Се надева дека, као и други кои функционирале исто или слично на него, со помош на “пријателите“ од партијата на власт ќе помине неказнето, или со ситна прекршочна казна. И ќе помине. За да подврдам дека имам аргументи за ова тврдење ве потсетувам на вината на кабелот.
Да се вратам на помпезниот настан, на кој поединци се смееја. Авион, војска која носи сандаци, наредени коли кои ќе ги носат останките до семејствата. За кого беше овој театар? За тие што искрено сочуствуваат и тагуваат вакво нешто не требаше. За семејствата не требаше. Тие брзаа да ги закопаат своите пред зајдисонце, како сто налага обичајот, а денот на 3 Декември е краток, рано се стемнува. Никој ли од протоколот не се сети на ова, па предвиде и поворка да се движи низ Скопје? За гласачите ли беше ова? Мислите дека пак ќе ве гласаат? Така ги лажете? Не ли ви е срам и нели ви е жал? Жално е, луѓе загинаа. Луѓе.