Проф. д-р Орце Симов е нов претседател на ИКТ Комора

Проф. д-р Орце Симов е нов претседател на Комора за информатичко-комуникациска технологија и услуги при Сојузот на стопански комори на Македонија, кој беше избран на седница на Собрание на Комората. Симов по професија е електро инженер, основач на компанијата „Компјунет инженеринг“ и редовен професор на Факултетот за Информатика на МСУ, каде и во два мандати беше декан, долгогодишен член на Управниот Одбор на Сојузот и член на Советот на иноватори при Националната асоцијација на иноватори на Македонија – НАИМ.

Симов истакна дека неговите активности како претседател на Комората ќе бидат насочени кон обезбедување на развој, унапредување и зголемување на ИКТ бизнисот во Македонија и заштита на интересите на деловните субјекти од овој сектор.

-Меѓу приоритетите во делување е создавање на услови ИКТ компаниите да развиваат сопствени производи и услуги со високо додадена вредност наместо да се ориентираат кон outsourcing услуги. Од особено значење е и развој на ИКТ технолошка зона за македонските ИКТ компании која ќе биде на одбрана локација во урбаното градско подрачје на Скопје. Зголемување на извозот на ИКТ производи и услуги преку градење на извозни капацитети, обезбедување на информации за саеми, штандови и други форми за презентација на производите и услугите. Неопходно е и брзо прилагодување на законските регулативи на новите технологии во светот што ќе овозможи пристап и легална работа со нив уште во нивните рани фази. Потребно е и дигиталната трансформација на институциите во Македонија и дигитализацијата на услугите да се базира на домашни ИКТ компании што ќе овозможи градење на капацитети и излез и понуда на производите и услугите на странски пазари, изјави Симов.

Додаде и дека е потребно да има и поголема поддршка на иновациите и зголемување на бројот и разновидноста на финансиски инструменти за финансирање на start up и постоечки компании како основен услов за развој на економијата и спречување на емиграцијата на младите лица.

На седницата беа избрани и нови членови на органите на управување на ИКТ Комора како и тројца нови потпретседатели на ИКТ Комора, Илија Серафимов, Горан Митрески и Ненад Фидановски.

На досегашниот претседател на ИКТ Комора, Саша Огненовски му беше врачена Благодарница за исклучителниот ангажман во Комората и личниот придонесот кој го дал со цел креирање на подобро деловно окружување за развој на ИТК секторот.