Денеска, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, свечено им ги додели наградите на најдобиот полицаец, пожарникар и крводарител на територија на град Скопје за 2013 година. За најдобар пожарникар е прогласен Зоран Павловски, пожарникар-спасител возач на специјално возило во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, најдобар полициски службеник за 2013 година е Благоја Цоканов, а за најдобар крводарител е прогласен Џеладин М. Јадигар.
„И годинава, како и досега, Град Скопје традиционално ја доделува наградата за најдобар полицаец, пожарникар и крводарител на територија на град Скопје за тековната 2013 година. Наградата е парична и изнесува 10 000 денари, a ги наградуваме најхрабрите и најхуманите со цел да ги поттикнеме граѓаните на Скопје и тие да ја покажат својата храброст и хуманост. Сакам да им честитам на постигнатиот успех и да им порачам и натаму да бидат пример и мотивација за своите колеги и сограѓани,“ истакна градоначалникот Трајановски.
Најдобриот полицаец за 2013 година, Благоја Цоканов, веќе 16 години е вработен во СВР- Скопје, Единица за јавен ред и мир и интервеции, а во текот на изминатата година остварил надпросечни резултати и пожртвувано ги извршувал службените задачи.
Најдобриот пожарникар, Зоран Павловски, пожарникар-спасител возач на специјално возило во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, во текот на 2013 година учествувал во гаснење на повеќе пожари, односно во над 50 пожари во станбени објеки, околу 30 технички интервенции и во гаснењето на 20 шумски пожари.
Најдобриот крводарител Џеладин М. Јадигар, годинава 4 пати дарувал крв, а досега, во изминатите години, вкупно 181 пат. Како долгогодишен крводарител, кој веќе 43 години дарува крв им порача на своите сограѓани да се хумани и да даруваат крв.