Секторот за локален економски развој на Град Скопје во соработка со Агенцијата SWOT Research, специјализирана агенција со експертско познавање и искуство во анализа на квалитетот на услугата, избраа „Најдобар угостителски објект меѓу најдобрите“ во Град Скопје.
Преку тајни купувачи, за најдобри три ресторани во главниот град за 2018-та се прогласени „Лајт џез клуб“, „Стара градска куќа“ и „Скопски мерак“. За најдобри три гостилници избрани се „Дневен престој“, „Гостилница Градска кафеана“ и „Дебар маало“, додека пак во категоријата кафулиња најдобри се „Спик изи“, „Коктел бар“ и „Рок бар Круг“. Во категоријата Lounge/Лаунџ и мезе барови на прво место е „Дистрикт бар енд кичен“, потоа „Public room/Јавна соба“ и „Соул кичен бар“.
Манифестацијата традиционално се оддржа во Скопје, по 11-ти пат, а плакетите за „Најдобар угостителски објект меѓу најдобрите″ на годинешните добитници им ги врачи Марко Тодоров, раководител на Секторот за локален економски развој на Град Скопје.
Скромните признанија во форма на плакети што сега ги доделуваме, ќе се потрудиме во наредните години да прераснат во награди што ќе бидат синоним за квалитет на еден угостителски објект. Целта на овој проект е да се разбуди свеста кај угостителите и кај граѓаните за важноста на квалитетот на услугата во угостителската дејност, како и да се подигне општото ниво на квалитет во угостителските објекти на територијата на градот, рече Тодоров.