Градоначалникот на Штип, прим.м-р Илчо Захариев на денешната средба со новинарите изјави дека одлуката за прогласување на епидемија на жолтица ќе има последици за Штип. Според него, наскоро доаѓаат настани на кои ваквата одлука може да влијае, изјави за „1.мк“. Тоа е тешка одлука, но за жал локaлната самоуправа не е надлежна за ова ниту пак била консултирана:
„Општина Штип нема надлежност при прогласување на епидемија, но добро би било да бидеме консултирани. Ние се уште немаме добиено известување дека е прогласена епидемија од Центарот за јавно здравје во Штип. Јас имам допис за состојбата со бројот на заболени од жолтица од пред неколку дена и веднаш по добивањето на истиот дадов насоки до ЈП „Исар“ и до училиштата и градинките како да се постапи“, изјави Захариев.
Тој напомена дека водата во Штип се контролира редовно и дека на сите мерни места покажува дека Штип пие високо-квалитетна вода. На негово барање, се контролираат и селските чешми и само една во селото Пиперово покажала неисправност. Веднаш биле презедени мерки за решавање на проблемот. Водата од селските чешми се контролира на секои 15 дена. Според Захариев, хепатитот или жолтицата е болест на валканите раце и тука личната хигиена е неприкосновена и најважна. Граѓаните на Штип треба да знаат дека жолтицата не е предизвикана од градскиот водовод кој има беспрекорно чиста вода. Според него, жалосно е што во 21 век се уште има населби во Штип кои немаат канализациона мрежа и не се приклучени на градскиот водовод. Затоа и тој интензивно работи во 2015 да се заокружат сите овие локации со водовод и канализација:
„Направивме канализација во Балканска и Чардаклија, а во Македонка веќе е избрана фирмата понудувач и наскоро влегуваме таму. По завршување на овие зафати, ќе следи и приклучување на овие населби на градскиот водовод за што веќе се прават проекти. Моја намера е во 2015 да се решат овие деценикси проблеми. Некои од овие населби 70 години не се приклучени на водоводот. Во Караорман дури лани, по 35-40 години обезбедивме приклучување и здрава вода за пиење. Мора да кажам дека во овие населби, ниедно раководство во изминатиот период не направило ништо. Со децении, а можеле многу да направат бидејќи имале историска шанса“, вели Захариев.
„Само во месец јули се земени 400 мостри од водата и сите покажуваат бактериолошка и хемиска исправност. Дури испративме мостри и во Скопје, за да бидеме сигурни и од таму ни потврдија дека водата за пиење во Штип е со висок квалитет. Што се однесува до хигиената во градот, одговорно тврдам дека отпадот редовно се празни, улиците редовно се мијат и сме подготвени согласно сите стандарди“, изјави за „1.мк“, Ангел Бојаџиев, в.д директор на ЈП Исар
Захариев напомена дека во Штип ќе се гради соодветна пречистителна станица со што ќе се решат ваквите проблеми а најави и интервенција на колекторот кој во еден дел мора да биде обновен за да нема проблеми. Според градоначалникот, одлуката да се прогласи епидемија со 24 заболени е дискутабилна, и ја остава на ЈЗО-Штип, иако кажа дека треба да се внимава. Во врска со коментарите зошто иако новинарите го прашувале на 19 декември за можната епидемија тамошниот директор а тој не кажал ништо, за по три дена да го потврди тоа, Захариев ги упати на негова адреса.