Цената на нафтата го надмина нивото од 87 долари на меѓународните пазари во вторник, бидејќи прогнозите за добар почеток на летната сезона на патувања во САД се совпаднаа со приближувањето на ураганот Берил, кој може да предизвика прекини во снабдувањето.
На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше за 75 центи повисока отколку на затворањето на тргувањето ден претходно и изнесуваше 87,35 долари. Вчера го затвори тргувањето со добивка од 1,60 долари.
На американскиот пазар со барелот денеска се тргуваше по 84 центи поскапо, по 84,22 долари. Вчера го затвори трговскиот ден со добивка од 1,84 долари.
Засебно, Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC), објави дека во понеделникот цената на барелот од референтната нафтена кошничка на нејзините членки била речиси непроменета од петокот на 86,51 долар.
На почетокот од седмицата расположението на пазарот беше обележано со оптимистички прогнози за побарувачката во САД на почетокот на летната сезона на патувања. Побарувачката на бензини околу Денот на независноста би требало да биде за 5,2 отсто поголема од минатата година, со 4,8 отсто повеќе патувања со автомобили, проценува американското автоздружение ААА.
Пазарите, исто така, внимателно ги следат можните индизии за нарушување во преработката и производството на платформите во Мексиканскиот залив поради приближувањето на ураганот Берил, кој во понеделникот го мина источниот дел на Карибите и се засили во „потенцијално катастрофална“ бура од петта категорија.
„Опасниот ураган во Карипското Море се очекува да стигне до Мексико, поттикнувајќи ја загриженоста за снабдување“, вели за Reuters Харалампос Писурос од брокерската компанија XM.
Членките на OPEC и нивните сојузници големи независни извозници предводени во Русија, колоквијално познати како OPEC+, го намалија извозот токму кога рафинериите почнаа да се подготвуваат за највисокото ниво на летна побарувачка. „Тоа значи потесна понуда и цените реагираат“, објаснува Клаудио Галимберти од „Rystad Energy“.
Значајниот раст на цените беше запрен денеска поради знаците на стагнација на азиската побарувачка. Азија увезла нешто помалку нафта во првата половина од годината отколку во истиот период во 2023 година, покажуваат податоците собрани од „LSEG Oil Research“.