Со едноминутно молчење за ненадејната смрт на македонскиот драматург Горан Стефановски, во присуство на добитникот на Нобеловата награда за литература Воле Сојинка од Нигерија и многубројни гости и посетители вчера во Домот на хрватските бранители во Пула, Хрватска свечено беше отворен 24-от Саем на книга.
Годинава, како што соопшти Министерството за култура, во рамките на регионалната програма на оваа реномирана меѓународна саемска манифестација чија тема е „Слобода“, во фокусот се Македонија и современата македонска литература претставена преку неколку реномирани автори, меѓу кои Никола Маџиров, Лидија Димковска, Владимир Јанковски, Румена Бужаровска, Елизабета Шелева, Артан Садику, Љуљзим Хазири и др.
Програмата насловена „Македонија чита“ започнува вечерва и ќе биде посветена на творештвото на Горан Стефановски односно на промоција на неговата книга „Одисеј и други драми“, публикувана од Хрватската универзитетска издавачка куќа, што е прв превод на хрватски јазик на овој истакнат македонски автор. Саемот на книгата во Пула ќе трае до 9 декември.