Воведвуањето прогресивен данок ќе доведе до одлив на квалификуваните кадри во земји со поповолна даночна клима и подобра социоекономска ситуација, предупредуваат од Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ).
Владата го изгласа законот за прогресивно оданочување и покрај тоа што голем дел експертската јавност не се согласи со оваа одлука. Од МАСИТ во неколку наврати досега предупредуваа на оваа мерка, во соопштенија за јавноста во врска со најавите за потенцијално воведување на прогресивно оданочување на персоналниот доход, а ги претставуваат ставовите и мислењата на повеќе од 80 од најголемите и најиновативни компании во Република Македонија.
Имено, според МАСИТ ваквата реформа не би придонела за подобрување на социјалната еднаквост туку напротив ќе доведе до целосно намалување на продуктивноста и вработливоста и секако развојот на квалификациите. Понатаму од МАСИТ кажуваат дека токму со оваа даночна реформа ќе се предизвика пенализација на деловите од населението кои напорно работат кон напредување и повисоки приходи, а ќе се наградуваат оние кои не се трудат и со тоа директно се создава намалување на продуктивноста.
Дополнително, според нив со ваквата даночна реформа се врши дестимулирање на развојот на висококвалификуваните кадри односно зголемувањето на данокот на личен доход најмногу ќе ги погоди оние кои вложувале во сопствениот професионален развој и ќе испрати порака дека квалификуваноста е неисплатлива, со што ќе се отстрани стимулот за развој на способности и квалификации.
И тие како и многу други комори кажуваат дека со даночната реформа ќе се предизвика ефект на даночна непослушност и зголемување на даночната евазија. Исто така го спомнуваат и одливот на мозоци и намалени капитални инвестиции што дополнително ќе влијае негативно врз македонската економија.
Од МАСИТ велат дека пред Владата да донесе било какво решение во врска со комплексна и деликатна тема како што е прогресивниот данок треба прво да се консултира со бизнис заедницата. Инаку Владата пред да дојде на власт ветуваше дека ќе отвори дебата за сите релевантни прашања за да прибере мислење од засегнатите страни но тоа според експертите и бизнис заедницата Владата не го практикува.