Обновената Комисија за заштита на конкуренцијата од почетокот на годинава може да изрекува казни и со 20.000 евра за пронајдени договори за нефер трговски практики – истакна заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
За потсетување, со почетокот на годинава започна примената на казните за неправилностите при спроведувањето на Законот за нефер трговски практики кој е во функција, според директива на ЕУ од 28 септември. Процесот до крајот на 2024 година се следеше со мониторинг, а сега се на сила паричните казни.-Мониторингот за примената на законот заврши до Нова година. Сега се дооформи и Комисијата за конкуренција (КЗК) која го имплементира Законот и во практиката. Комисијата ќе ги проверува сите договори склучени меѓу производителите, добавувачите и трговците и онаму каде ќе бидат утврдени неправилности казните се 20.000 евра, вели Ристески.
Со Законот се опфатени 2.546 производи според тарифен број, а претходно се утврдени 26 нефер трговски практики. Ристески нагласи дека контролата ќе биде строга.
-Комисијата ќе може да влезе во фирмите и да ги проверува договорите по дојава. Сето тоа што ќе биде констатирано како неправилност, ќе биде казнето. Казната е висока, 20.000 евра, објасни Ристески.
Целта на Законот е да се регулира односот меѓу добавувачите и трговците. Заменик-министерот посочи дека ефектите на подолг рок се стабилизација на цените на производите.
-Рабатот е ограничен на 10 проценти во текот на годината. Тоа ќе создаде ред во сета таа работа со трговските практики каде рабатите биле големи, и до 35-40 проценти. Очекуваме на подолг рок да имаме стабилизирање на цените на производите, во интерес на крајните купувачи, граѓаните. Овој Закон е од голем интерес и важност, бидејќи првпат се спроведува во Македонија и е по директива од Европската Унија и треба да биде пример и за другите држави на Западен Балкан – додаде Ристески.