![FILE PHOTO: Workers assemble campers at Knaus-Tabbert AG factory in Jandelsbrunn](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/08/Germanija-proizvodstvo.jpg?resize=696%2C464&ssl=1)
Во јули производствените цени во Германија паднале на годишно ниво првпат по повеќе од две ипол години, притиснати од падот на цените на енергијата, покажаа податоците на германската статистичка служба Destatis.
Во јули оваа година, цените на производителите паднале за шест отсто во споредба со истиот месец претходната година, кога скокнаа како резултат на војната во Украина, објави во понеделникот заводот за статистика.
Ова е прв пад на германските производствени цени на годишно ниво од ноември 2020 година и најостриот пад од октомври 2009 година, кога владееше глобалната финансиска криза.
Цените на енергенсите во јули паднале за 19,3 отсто во однос на истиот период лани, бидејќи цената на струјата нагло падна, при што струјата поевтини во сите групи корисници за 30 отсто.
Ако се исклучат цените на енергијата, производствените цени во јули биле за два отсто повисоки од истиот месец лани. Во споредба со јуни годинава, цените на производителите во Германија се пониски за 1,1 отсто, покажуваат податоците на Destatis.
Индексот на цените на производителите на Германија, кој ги мери промените во цените на стоките што ги продаваат производителите, се смета за клучен показател за инфлацијата, која забавила на 6,5 отсто во јули во најголемата европска економија.
Слабеењето на инфлаторните притисоци во Германија, и во целата еврозона, следеше по наглото зголемување на каматните стапки од страна на Европската централна банка во текот на минатата година. Но, тоа предизвика забавување на растот на економиите, како и слабеење на побарувачката, па под притисок се и производствените цени.