Слика на Клод Моне е продадена за речиси 35 милиони долари на наддавање во средата вечерта, соопшти аукциската куќа Sotheby’s, означувајќи силен почеток на пролетната продажба на уметнички дела во Њујорк.
И Sotheby’s и конкурентската аукциска куќа Christie’s ја започнаа својата пролетна аукциска сезона во понеделникот. Иако глобалниот пазар на уметност стагнираше минатата година, брзата продажба во Лондон и Париз поттикна оптимизам за 2024 година.
Сликата „Meules à Giverny“ на францускиот модернист Клод Моне, насликана во 1893 година, е продадена за 34,8 милиони долари по жестоко наддавање.
Истовремено, британско-мексиканската уметница Леонора Карингтон го собори сопствениот рекорд на аукција со делото „Les Distractions de Dagobert“ продадено за 28,5 милиони долари.
Овој рекорд го става Карингтон меѓу првите пет највредни женски уметници на аукција, велат од Sotheby’s, како и меѓу првите четири надреалистички уметници, „претекнувајќи ги Макс Ернст и Салвадор Дали“.
Christie’s, пак, продаде современа уметност во вредност од околу 115 милиони долари претходната вечер, вклучувајќи слика на Жан-Мишел Баскијат за 32 милиони долари.
Во аукциската куќа Phillips, пак, делото „Без наслов“ (ELMAR) на Баскијат беше продадено за 46,5 милиони долари.
Војната во Украина доведе до пад на руските купувачи, па продажбата на уметнички аукции ширум светот падна на 14,9 милијарди долари минатата година, во споредба со 16 милијарди долари во 2022 година.