Пролетно чистење: Пет работи што веднаш треба да ги исфрлите од гардароберот

Гардароберот не е музеј каде што ќе чувате се и сешто! Ако планирате да го средувате гардароберот еве едно мало олеснување. Овие пет работи треба да ги фрлите затоа што само ви заземаат простор.

Џемперите што ве пецкаат

Можеби ве греат и убаво ви стојат, но се изработени од ангора или некој друг материјал што ве иритира и ја надразнува вашата кожа. Бидете искрени, носењето на овој џемпер прави да се чувствувате непријатно дури и кога под него ќе облечете памучна маица, па зошто тогаш да го чувате?

Претесна облека

Ги чувате пантолоните од средно училиште и повторно би сакале да ги облечете и да докажете дека и понатаму имате витка линија. Ова не се само ваш сон, за ова сонува секоја дама. Но, ако продолжите да ја трупате облеката од деновите кога сте биле средношколка, веројатно нема да имате место за новата и модерната облека. Ако едно парче облека не сте го носеле повеќе од една година, веројатно нема веќе ниту да ви треба. Подарете го или фрлете го во ѓубре.

Старо одело за на работа

Некогаш во ова одело можеби сте биле најголема заводничка на работното место, но неговиот крој и модел одамна излегле од мода, а ткаенината се излижала од постојаното перење и носењето на хемиско чистење. На ова парче облека местото му е во кантата за ѓубре, без воопшто да се двоумите.

Градници на кои им излегла жицата

Ако морате рачно да ја подесувате локацијата на жицата на вашиот омилен градник, тоа е доказ дека имате старо парче долна облека на кое што му поминал рокот на траење. Наместо тоа купете нешто ново што ќе ви даде совршена потпора и нема да морате да се грижите дали ќе се повредите.

Парчето облека за кое што знаете дека никогаш нема да го облечете

Ова парче облека во продавница изгледало фантастично, но кога стасавте дома сфативте дека сте избрзале. Нема смисла да ги чувате нештата што никогаш нема да ги облечете. Подобро е да ги подарите на пријателката или на некоја хуманитарна организација.