Европската унија на предлог на Еврокомисијата усвои Регулатива за измена и дополнувања на правилата за максималните дозволени нивоа на остатоци од никотин во одредени производи, како чаеви, зачини и цимет.
Станува збор за измени на Регулативата за максималните нивоа на остатоци на пестициди во храната и добиточната храна од растително и животинско потекло, во делот кој се однесува на максималните нивоа на остатоци (МНО) на никотин.
Со измените се предвидува од 22 февруари 2026 година максималните нивоа на остатоци на никотин во чаевите од досегашните 0,5 да се намали на 0,4 милиграми на килограм. Ваквото решение се базира на нови информации од Ирска дека сегашното дозволено ниво на никотин во чаевите „не ја одразува точно изложеноста на ирските деца и довело до преценување на ризикот“.
Кај зачините од семиња и овошје, пак, досегашното ниво од 0,02 милиграми на килограм се зголемува на 0,05, врз основа на нови информации од референтните лаборатории на Европската унија, кои оценуваат дека максималното ниво на остатоци од 0,05 милиграми на килограм „може да биде посоодветно за зачините“.
Во случај на циметот, каде дозволеното максимално ниво на остатоци изнесуваше 0,07 милиграми на килограм, сега тоа се зголемува на 0,2 милиграми на килограм. Оваа одлука е донесена врз основа на специфични податоци што неодамна биле доставени до Комисијата, кои укажуваат дека во кората, коренот, пупките и цветовите на циметот може да се појават остатоци на никотин на многу повисоки нивоа од оние утврдени со Регулативата на ЕУ.
Измените и дополнувањата на Регулатива, усвоени вчера, се објавени во денешното издание на Службениот весник на ЕУ, со што официјално стапуваат во сила.