Времето во средата во Македонија ќе биде променливо облачно со локален дожд и услови за ретки грмежи, претежно во планинските региони, но од почетокот на следната седмица се очекува остар скок на температурите.
Ќе дува умерен северен ветер, кој краткотрајно на север ќе засилува, а максималните дневни температури ќе се движат од 14 до 25 Целзиусови степени. Во Скопје и околината ќе достигне до 21 степен.
До петок ќе има речиси идентично време. Повремено ќе врне, а денска и утре ќе има услови и за електрични празнења и поизразени процеси во форма на невреме.
По дожделивата и облачна седмица следува нов топол бран во Македонија. Дождот и облаците ќе се задржат до петок, а од сабота ќе почне разведрувањето.
Температурата до крајот на неделата ќе се движи меѓу 21 и 23 степени во Скопје и до 25 низ Македонија.
По преодниот период во сабота, од недела повторно ќе имаме високи температури.
Во Скопје се очекува да надминат 26 степени а во некои места на Македонија ќе бидат регистрирани и над 30 степени, што е за 7 до 8 степени над повеќегодишниот просек за овој период од годината.
Топлото време ќе се задржи сѐ до среда, а потоа ќе има опаѓање на температурите.
Долгорочните прогнози најавуваат дека за 1-ви мај ќе останеме во рамките на она што веќе се нарекува традиција кога станува збор за временските услови.
Повторно се најавува облачно време со услови за дожд и температури кои нема да поминат 20 степени.