Неодамна излезе од печат Монографијата посветена на големиот македонски уметник Јордан Манасијески од Охрид, чиј автор е проф. д-р Владимир Величковски.
Ако се земат во вид обемот на делото 480 страници – тврд повез, со преку 300 репродукции во боја и двојазичниот текст на македонски и англиски јазик, монографијата е од енциклопедиско значење. Таа содржи критички осврти од повеќе историчари на уметност и тоа: Салваторе Русо – Италија, Рути Такер – САД, Санда Станачев Бајзек – Хрватска, Драган Јовановиќ Данилов – Србија, Бисера Валева – Бугарија и од македонските критичари и вљубеници во уметноста Никола Николовски, Зекман Ракиповски,писателите Киро Донев, Трајан Мартиновски и новинарот Милчо
Јованоски.
Ова издание претставува епилог на целокупната досегашна уметничка кариера на Манасијески, во која се документирани настаните од домашната и меѓународната уметничка сцена: промоции, изложби, учества на Интернационални уметнички салони за модерна уметност и добиени награди. Дополнителен акцент е даден и на изработката на стриповите, кои опфаќаат еден голем дел од неговата уметничка кариера, а претставени се и мал дел од неговите преку 2.000 идејни дизајнерски
решенија.
Подготовката на монографијата траеше повеќе од шест години, техничката подготовка и графичкиот дизајн го изработи Боби Ќосев, а уредник на монографијата е неговиот долгогодишен промотор во светот Љупчо Жупан.
Промоцијата на монографското издание е закажана за 22. ноември во 13 часот во Ликовниот салон на МАНУ (Македонската Академија на Науките и Уметностие) во Скопје. По тој повод поздравна реч ќе одржи претседателот на МАНУ академик Љупчо Коцарев а промотор ќе биде проф. д-р Ивица Џепаровски.