На 22 мај 2023 година (понеделник), со почеток во 19:00 часот, во Порта Македонија, ќе биде промовиран Зборник на трудови поднесени на Меѓународниот научен симпозиум „Антево дело“, одржан во Лазарополе, родното село на македонскиот поет, академик Анте Поповски. Печатењето на Зборникот е реализирано во рамките на Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски-Антево перо“.
На овој, Втор по ред симпозиум за Антевото творештво, беа презентирани реферати во живо и снимени излагања на еминентни научни работници, лингвисти и писатели преку видео обраќања (поради ковид мерките), во кои се третирани литературни, литературно-теориски, јазични и теми од историја на уметност и естетика.
Во Зборникот се објавени трудови од академик Катица Ќулавкова (МАНУ), проф. д-р Ала Шешкен од МГУ „Ломоносов“ од Москва, Руска Федерација, член на МАНУ надвор од работниот состав, проф.д-р Венко Андоновски, дописен член на МАНУ, проф. д-р Кристина Николовска, проф. д-р Емилија Црвенковска, проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска, проф.д-р Бојан Ортаков, Филип Фиданоски, (во моментот на печатењето на Зборникот работеше како м-р на Универзитетот на Нов Јужен Велс Кенсингтон Сиднеј, Австралија, а сега е д-р при Универзитетот во Болоња, Емилија-Ромања, Италија), м-р Бранко Цветкоски, м-р Сузана В. Спасовска, м-р Александра Јуруковска и асс. м-р Иван Антоновски.
Зборникот на трудови „Антево дело“ се очекува да биде биде промовиран и претставен и во некои други градови во земјата.