Во Македонската академија на науките и уметностите утре во 12 часот ќе се одржи промоција на книгата „Ферментација на демократијата и нацијата – сите македонски политички пролети од 1943 до 1993“ од Проф д-р Димитар Мирчев, издание на издавачката куќа „Силсонс“ од Скопје. За делото ќе говорат акад. Владо Камбовски, Претседател на МАНУ , Проф. Гордана Силјановска Дафкова и Проф. Владо Поповски.
Во своето најново дело познатиот универзитетски професор и научник прави политолошка анализа на три клучни периоди на модерната македонска политичка историја: Асномската пролет 1943- 1944 , Либералната пролет, 1968-1973 и пролетта на Независноста од 1989 до 1993 година. Исто така, Мирчев дава критички поглед и синтеза на нашиот понов политички развој, оној од 70- годишното раздобје кое ја определува и нашата сегашност па и насоките на движење. Тој ги поставува како граничници и двигатели- идеалите за независна и обединета Македонија, за граѓанско-демократска република, за автономија и суверенитет и за либерален поредок. На таа основа, според него созревала демократската и националната свест.