Промоција на проектот „Моја инспирација“

Битолскиот Завод и Музеј денеска ќе го промовира проектот „Моја инспирација“ чија цел е да ги реактуелизира традиционалните вештини во изработката на носиите и да ги документира експонатите во музејската збирка на носии во Музејот, кои денес претставуваат богато културно наследство. Целта е  и едукација на младите за негување интерес кон традицијата и културата.

Почетната едукативна активност беше реализирана со учениците од текстилната насока при средното општинско училиште „Таки Даскало“- Битола, со кои беа изработени основните кроеви на женска и машка кошула, јави МИА.

„Овие експонати се избрани како основни облековни елементи, преку кои се диференцирал социјалниот статус на поединецот, концептуалната поставеност на везбената орнаментика, симболика и семантика во најзначајниот период на развој на македонската народна носија. Значајно место од крајот на 19. и почетокот на 20. век, има и градскиот костим кој е претставен со џубе од костимот „ала турка“ со ориентално влијание и дводелен фустан од костимот „ала франга“ со западно – европско влијание“, вели етнологот Наде Геневска – Брачиќ, автор на проектот.

Со изборот на овие експонати, запознавањето со историско – културните влијанија, нивната функција во минатото, естетско декоративна и семантичко симболична страна, учениците ќе ги имаат традиционалните знаења во инкорпорирањето во современиот живот, појаснуваат од Завод и Музеј-Битола.

„Облеките кои ја изгубиле својата функција и денес се само дел од музејските збирки би биле линк меѓу минатото и сегашноста. Тие ќе бидат инспирација во креирањето современ израз со мотиви од традиционалното културно наследство“, вели Геневска – Брачиќ.