![Skopje Velograd prezentacija (4)](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2015/06/Skopje-Velograd-prezentacija-4.jpg?resize=696%2C463&ssl=1)
Во просториите на Град Скопје се одржа презентацијата на новиот капитален проект на Град Скопје – проектот за унапредување на велосипедската инфраструктура во Скопје и за зголемување на безбедноста во велосипедскиот сообраќај, „Скопје Велоград 2017“. На презентацијата на пректот „Скопје Велоград 2017“. присуствуваше градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
– Градот Скопје веќе една година посветено работи на согледување на состојбата со велосипедските патеки во Скопје, ги баравме недоследностите, правевме анализи и баравме најповолни решенија во корист на сите наши сограѓани што го користат велосипедот како транспортно средство. Формиравме координативно тело и изработивме мастер план за велосипедски патеки за периодот 2014 – 2017 година. Нашата цел беше да го олесниме движењето на велосипедистите, да им овозможиме на сите што користат велосипед без препреки и безбедно да стигнат до саканата дестинација и да формираме ефикасна мрежа на велосипедски патеки коишто ќе бидат поврзани и достапни за користење. Сакам да нагласам дека задачата за која се зафативме не е лесна. Да се формира ефикасна мрежа на велосипедски патеки во густо населени, изградени зони е сложена и многу одговорна работа, за која на многу градови во Европа им беа потребни децении за да ја оформат. Исто така, морам да нагласам и дека во нашиот град во изминатите децении многу малку беше преземено за развој на велосипедскиот сообраќај, рече Трајановски.
Градоначалникот Трајановски додаде дека сега, со проектот „Скопје Велоград 2017“ во градот ќе се оформат четири главни велосипедски рути кои ќе се протегаат во насока исток – запад и 7 конектори кои ќе се протегаат во насока север – југ и тоа:
РУТА 1 – 2014-2015 г
Гази Баба-Центар-Карпош (со должина околу 8 километри)
РУТА 2 – 2015-2016 г
Аеродром-Центар-Карпош-Ѓорче Петров (со должина околу 11 километри)
РУТА 3 2016-2017 г
Кисела Вода – Центар – Карпош (со должина околу 8,5 км)
РУТА 4 2016-2017 г
Бутел-Чаир-Центар (со должина околу 5 км), како и
Седум конектори – 2017 г (со должина околу 19км)
– Според барањата на велосипедистите, велосипедските патеки што ќе ги изградиме или ќе ги реконструираме ќе бидат покриени со асфалт, а не со бекатон плочки. Ќе обезбедиме рампи за глатко движење. На патеките ќе нема нерамнини. Секаде каде што ќе може ќе ги отстраниме постојните пречки на велосипедските патеки – семафорите, знаците, билбордите, контејнерите. Велосипедските патеки ќе ги заобиколуваат автобуските постојки од задната страна. Воведовме унифициран и препознатлив начин за обележување на патеките со бела непрекината боја. Ќе овозможиме заштита на велосипедските патеки од паркирање моторни возила. Свесни сме дека проблемите нема да исчезнат преку ноќ, но Градот Скопје е подготвен да ги слушне сите засегнати страни, да ги воочи сите препреки и да изработи квалитетни решенија за унапредување на велосипедската инфраструктура со која Скопје ќе го заслужи епитетот ВЕЛОГРАД по 2017 година, рече градоначалникот.
На денешното претставување на проектот за унапредување на велосипедската инфраструктура во Скопје и за зголемување на безбедноста во велосипедскиот сообраќај, „Скопје Велоград 2017“, беше прикажан спот за промоција на новиот проект, како и опширна видео-презентација со сите детали во врска со проектот.
Во презентацијата беше нагласено дека во Скопје има 60 километри велосипедски патеки по должината на улиците, плус 21 километар велосипедски патеки на кејот на Вардар. Од нив, со овој проект до 2017 година ќе се реконструираат вкупно 51 километар велосипедски патеки.
Градот Скопје во текот на изминатава година реконструираше велосипедски патеки во должина од 3,5 километри, и тоа: по должината на булеварот Кузман Јосифовски Питу, на потегот од НБРМ до Транспортниот центар; на булеварот Гоце Делчев, на потегот од МРТВ до факултетскиот комплекс; на булеварот Крсте Мисирков, на потегот од Адвокатската улица до кеј „Димитар Влахов“; на булеварот Александар Македонски; на булеварот Ѓорче Петров, на потегот од Општина Ѓорче Петров кон мостот за Сарај и на булеварот Крсте Мисирков на потегот од ТЦ „Мавровка“ до Бит-пазар, а во тек се градежни активности и на други делници од велосипедските патеки од Рутата 1.