Студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска го промовираа првиот електричен картинг во Македонија, наречен „Феитмобил“.
Електричниот картинг се реализира во рамки на проектот „Проектирање и реализација на електрично возило“ на тимот ЕЛ-КА, започнат во октомври минатата година, финансиски поддржан од ФЕИТ и од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
– Горди сме на тимот од 15 студенти од студиската програма Електроенергетика, автоматизација и обновливи извори на енергија, кои успеаја за неполни десет месеци да го креираат ова картинг возило. Тие секојдневно работеа на неговата реализација, под менторство на професор од ФЕИТ. Целта на проектот е да се изработи електричен картинг кој ќе биде погонуван од електричен мотор напојуван од акумулаторски батерии, изјави Христина Спасевска, продекан за настава на ФЕИТ.
Посочи дека секогаш се подготвени, на секој можен начин, да ги поддржат студентските иницијативи и да дадет придонес во развојот на технологијата во Македонија.
Проектот ќе се реализира во неколку фази во времетраење од три години. Во првата фаза, која веќе е завршена, се создаде конструктивниот изглед на картингот, неговото механичко и електрично поврзување и задвижувањето.
– Понатаму се планира модернизирање од аспект на режимите на сопирање со можност за враќање на енергијата и полнење на батериите, промена на насоката на движење и слично, изјави Иван Спасески, претставник на тимот студенти кои го реализираа електричното возило.
Возилото Феитмобил е напојувано со батерии, погонот е еднонасочен (ДЦ) мотор со номинална моќност 2,5 киловати и има автономија на движење околу 30 минути.