Промовирана едицијата „Бајки од Македонија“

„Браво Сине“ ја промовираше едицијата „Бајки од Македонија“
„Браво Сине“ ја промовираше едицијата „Бајки од Македонија“
Движењето за поддршка на креативност – Иво Лауренчиќ „Браво Сине!“ денеска ја промовираше едицијата „Бајки од Македонија“, составена од четири бајки од македонското народно творештво.

Со ова, како што истакнуваат од Движењето, идејата за создавање модерен бренд базира на традиционални вредности и свежи креативни идеи добива конкретен лик.

„Бајки од Македонија“ е составена од четири приказни од македонската усна традиција и тоа „Двата цара“, „Момчето што се скри во златното јаболко“, „Девојчето и 12-те месеци“ и „Вејко Северко“. Илустрациите за овие банки ги изработи младата илустраторка Катерина Николовска, чие идејно решение беше избрано за најдобро на јавниот конкурс објавен за оваа цел во конкуренција од 38 достигнати решенија. Победничкото решение беше наградено со парична награда од 200.000 денари, а наградата ја обезбеди Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“.

Во просториите на Јавна соба од денеска до 18-ти мај покрај победничкото решение, јавно се изложени и 15 илустрации пристигнати на јавниот конкурс.

-Се потврди дека македонското народно творештво изобилува со голема вредност на која и е потребно поинакво пакување, за да биде поблиску до младата генерација, која што комуницира на поинаков начин, поинаку глед, има нова естетика, нов видик, нов поглед кон светот, рече на прес-конференција Ангелка Пеева Ларуенчиќ, член на Управниот одбор на „Браво сине!“.

– Откривме, додаде Пеева Лауренчиќ, дека Македонија изобилува со исклучително надарен кадар и дека медиумите во Македонија знаат да проследат една убава приказна.

-Денеска имаме македонски бренд, бајки од Македонија, македонски херои, ликови за децата од Македонија, рече таа.

Едицијата „Бајки од Македонија“ е последниот проект на Движењето, а е реализиран во партнерство со издавачката куќа „Арс Ламина“ која беше избрана на јавен конкурс и во чие издание е оваа едиција. Изборот на бајки од македонското народно творештво е направен со стручна помош од проф. д-р Ермис Лафазановски од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“.

Билјана Црвенковска, уредник во „Арс Ламина“ која ја изработи и адаптацијата на бајките истакна дека проектот за нив бил голем предизвик.

– Овој проект за нас е од големо значење бидејќи издадовме една детска едиција која се темели на македонската традиција што има антологиска вредност. Наша цел беше овие традиционални вредности да им ги приближиме на денешните деца, и да ги направиме атрактивни за нив, рече Црвенковска.

Покрај наградената Николовска, професионален ангажман за илустрација добија и Оливер Коларовски и авторскиот тим на Милош Ѓуровски. Тие се веќе ангажирани на посебни проекти на издавачката куќа „Арс Ламина“.

„Бајки од Македонија“ е втор годишен проект на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Брво сине!“. Мината година успешно беше реализиран првиот проект „Слатко со идентитет“.

Движењето го носи името на еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг индустрија Иво Лауренчиќ.