Промовирана книгата „Чичко маестро Џамбаз – во светот на децата“ – „златните славејчиња“ ја испеаја „Градот убав“

Уште еден великан на македонското поднебје го доби своето место во Општина Центар, муралот на композиторот – маестро Александар Џамбазов денеска се овековечи откако уметниците го крунисаа со препознатливиот симбол на „Златно славејче“…

Од најмалечки до највозрасни, во убаво расположение и во еден глас ги отпеаја композициите на втемелителот на македонската детска песничка, кои со децении наназад го разубавуваат животот на детето…

Денес доктори, професори, економисти, успешни луѓе во своите професии, а некогаш само деца со песнички на „Златното славејче“ под водство на маестро Џамбазов, во чија чест денеска, по речиси 50 години, се собраа во еден хор, со солзи во очите, пеејќи ги своите песни…

Преубавиот настан на кој беше презентирана и книгата „Чичко – Маестро Џамбаз – во светот на децата“ го водеше неговиот син –, познатиот актер и шоумен Игор Џамбазов, кој со посебна гордост застана пред насобраната публика – Да се види дека и најмалечките ја знаат и ја пејат „Гулаби, гулаби бели“ е посебно чувство, доказ дека неговиот татко оставил трајни вредности, вткаени во македонската култура…

-Татко на македонската детска песна, покрај тоа што има направено милион хитови за возрасните, сепак децата му беа, знаеш, посебно ги сакаше, ги знаеше сите по име, пееше со нив додека диригираше само за да биде сигурен дека нема да згрешат. Навистина направивме нешто посебно, толку беше скромно и едноставно, а толку многу емоција имаше во него, толку многу љубов за мојот татко.

Како еден од најголемите автори и основачите на „Златно славјче“ маестро Џамбазов значи за целата земја, не само за Скопје и центарци, вели градоначалникот Герасимовски кој во соработка со Игор Џамбазов денеска го разубавија Дебар Маало, токму на денот на раѓањето на композиторот и диригент…

-Се решивме прво да го разубавиме овој простор од Дебар Маало со еден мурал од Маестро Александар Џамбазов во договор со неговиот син Игор, да денеска и свечено го отвориме, денеска настапуваше и неговиот хорот на маестро Џамбазов, кои што направија еден преубав настан, кој што имаше голема посетеност.- Горан Герасимовски – Градоначалник на Центар

„За сите деца“, „Мојата учителка“, „Песна за Скопје“, „Еј Гулаби гулаби бели“ се само дел од малиот милион песни кои ги создаде Александар Џамбазов. Покрај детските песни кои му биле пасија, создавал и музика за филм и театарски претстави, а неговата композиција „Хумореска“ се изучува во музичките училишта.

Маестро Александар Џамбазов почина пред две години на 85 годишна возраст…