Иако, последниве години во земјава е зголеме бројот на ХИВ тестирања, статистиката говори дека на годишно ниво мал број Македонци самоиницијативно се подложувата на вакво тестирање кое е најефикасното средство за превенција од ХИВ. ХЕРА и оваа година се вклучува во евроската недела на ХИВ тестирање кое ќе трае од 21 до 28 ноември, a воедно ја промовираше првата мобилна апликација ХИВ тест која е веќе достапна на Google Play и којашто ќе им помогне на граѓаните да се информираат за ХИВ и да дознаат која е најблиската локација каде може бесплатно да се советуваат и да се тестираат за ХИВ.
Дополнително последните европски статистики покажуваат дека 30-50% од 2,3 милиони лица кои се претпоставува дека живеат со ХИВ во Европа не се свесни за својот ХИВ статус. Понатаму, 50% од оние што се позитивни доцна се дијагностицираат, со што се доцни со пристапот кон третман. Доцната дијагноза се поврзува со здравствени компликации, додека, пак, оние лица кај кои ХИВ е рано дијагностициран и кои навремено започнале со антиретровирусна терапија живеат долго и квалитетно. Доколку ХИВ се открие навреме, односно се направи ХИВ тест и се обезбеди соодветен третман, ХИВ се третира како хронична инфекција со која може да се живее долго и квалитетно.Македонија има широко распространета мрежа на услуги за доброволно, доверливо и бесплатно ХИВ тестирање во 11 градови низ земјата. ХЕРА ги охрабрува сите граѓани, особено оние кои практикувале сексуален однос без кондом, да направат ХИВ тест, бидејќи сексуалниот начин на трансмисија се уште претставува доминантен начин на пренос на ХИВ, по кој следува преносот преку крвен пат и од ХИВ позитивна мајка на новороденче. Потенцираме дека тестирањето за ХИВ треба да биде доброволно и доверливо и секогаш да се прави со информирана согласност на клиентот.
Младинскиот центар „Сакам да знам“ Водно, во рамките на Европската Недела на ХИВ тестирање нуди советување и тестирање ХИВ, секој ден од 21 до 28 ноември од 15 до 20 часот, по што тестирањето продолжува како редовна услуга и по завршувањето на кампањата.