![korictodor](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2014/08/korictodor.jpg?resize=696%2C496&ssl=1)
Во Општина Штип, во присуство на градоначалникот прим.м-р Илчо Захариев и заинтересирани граѓани, денес беше промовирана монографијата за македонскиот револуционер и лидер на ВМРО, Тодор Александров, пренесува порталот „1.мк“. Книгата е авторско дело на директорот на државниот архив Зоран Тодоровски со која како што кажа, се расветлуваат нови аспекти од ликот и делото на Александров, кој со години беше обвиен со црнило и негативност. Сепак смета дека по 90.тите години на минатиот век, се менува комплетната слика за Александров:
– Кај историчарите се менува мислењето за Александров бидејќи излегоа на виделина голем број на документи а и знам дека беше обележен, оцрнет на некој начин, но со овие документи, се гледа дека целиот живот го посветил за независна и обединета македонска држава. Сите тие документи ја менуваат македонската мисла за него, но и во Бугарија, бидејќи покажуваат дека бил поборник за суверена Македонија.
Според Тодоровски, неговите истражувања покажуваат дека Александров е ликвидиран од Ванчо Михајлов:
– Врз основа на голем број документи, искажувања, соборци, пријатели на Александров, како и за време на мои истражувања, вклучително и низ бугарските архиви како и посета на местото каде е убиен Александров, ми дава за право да кажам дека неговото убиство е скроено во кабинетот на бугарската влада, кај министето на војската а непосреден извршител е Иван Михајлов, кој тогаш беше млад и успеа да го замени на местото во организацијата, додава порталот „1.мк“.
Градоначалникот на Штип, прим.м-р Илчо Захариев смета дека Македонците мора повеќе да покажат грижа за своите револуционери и херои:
– Факт е дека некои соседни држави му придаваат поголема чест на Тодор Александров од нас, но и на други македонски дејци и херои. Имаат и имиња на улици но знам и соседна држава во која има голем споменик на Александров. Тодор Александров оставил многу важни историски дела за Македонија и за Штип. Тој е роден тука и како и низа други херои и револуционери ја заслужува нашата почит. Именувањето на улица со негово име а можеби најмалата работа што ќе ја сториме и за тоа постои иницијатива. Да не заборавиме овде творел и револуционерот Гоце Делчев, Даме Груев, Штип ги има и Михајло Апостолски, Никола Кљусев, првиот архиепископ, потоа Дончо Штипјанчето, овде е роден и Киро Глигоров и уште многу други историски важни личности кои немаат свои оебележја или имиња на улици. Да не заборавиме, дека во поновата историја, имаме и херои од конфликтот во 2001, Двојаковски, Петров, Димитриов, кои исто така заслужуваат обележја, именување на улици и поголем спомен на нив. Затоа и сметам дека колку повеќе ги вреднуваме и им даваме заслужено место на нашите херои од Илинденскиот период, од втората светска војна и поновата историја, толку како нација сме посилни.
Монографијата за Александров е во издание на Државниот архив на Македонија. Претходно во чест на Александров, во црквата во Ново Село беше оддржана панихида за големиот македонски револуционер, информирам „1.мк“.