фото: МИА
Четири-томниот колосален труд „Македонија. Милениумски културно историски факти“ денеска беше промовиран во Музејот на Македонската борба. За реализација на ова сеопфатно монографско дело беа вкучени 26 угледни истражувачи , врвни познавачи на македонската историја и нејзиното културно наследство. Нивните научни трудови се од сферите на историјата, археологијата, историјата на уметност, архитектура и книжевност се структуирани во четири дела поткрепени со хронолошки пристап на четирите глобални историски епохи, праисториска, античка, средновековна и нововековна.
„Поаѓајќи од потребата за создавање на едно содржински сеопфатно, методолошки студиозно и академски репрензетативно монографско издание за историјата на цивилизациите на македонското поднебје, тимот на автори на ова монументално дело креираше збирка од 28 тематски поглавја, фундирана врз строгите критериуми на научната доследност и професионалниот реализам,“ изјави проф. д-р Елизабета Димитрова член на редакторскиот тим.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека оваа едиција има високо научно, културно и културолошко значење и е резултат на повеќегодишно работење од страна на интелектуалната елита.
„Едицијата е сериозна и аргументирана анализа на историските, културните и уметничките карактеристики на Македонија.Монографијата е синтеза на сето она што го поседуваме. Сведоштво за идните генерации кои од наследството ќе имаат чувство на припадност и идентитет. На 2540 страници се валоризира македонската историја, цивилизација, култура од праисторијата до новото време,“ изјави Канческа-Милевска.
Претседателот на УО на МПМ, Срѓан Керим кои заедно со Универзитетот „Евро Балкан“ се издавачи на монографијата, истакна дека за секој издавач и љубител на книгата, денот на нејзината промоција е мал празник, па така го чувствува и овој ден. Тој се осврна на значењето на книгата во времето на он-лајн медиумите, телевизијата, видеото и потенцираше дека времето на книгата не само што не е изминато туку доаѓа нејзиниот нов почеток.
„Глобализацијата не значи и глобализирана мисла. Умберто Еко истакнал дека таа е изум како и чеканот и ланецот, односно се додека има употреблива вредност, има има вредност. Што е острилката за моливот, тоа е книгата за умот-го остри да не затупи,“ изјави Керим и додаде дека од Македонија има огромен број на луѓе кои дале свој значаен придонес во светот. Од овие простори произлегле двете азбуки кои се користат со векови.
Првиот човек на „Орка холдинг“ и претседател на УО на „Фондацијата Илија Камчев“ изјави дека му е драго што МПМ придонеле за развојот на издаваштвото и дека оваа едиција е од големо значење за следните генерации.
„Овој истражувачки труд го заслужува вниманието на јавноста од многу причини. Нуди факти кои не и се доволно познати на јавноста. Значаен е за генерациите кои доаѓаат, а претставува симбол на едно време кое е сведок за нашето постоење. Пишаните трудови ќе ја изгубат судбината на минливоста и заборавот,“ истакна Камчев.
Едицијата ќе биде преведена и на англиски јазик, а ќе биде достапна по популарна цена.