Претседателот на Унијата на европски федералисти на Македонија (УЕФМ) Петар Богојески, вечерва ја промовираше националната платформа за иновативни идеи „Македонски концепт“.
Како што посочи прес-конференцијата, идејата на „Македонски концепт“ е да ги обедини сите граѓани, политички организации, невладини организации и политички партии околу заедничко верување, обединети околу заеднички вредности и принципи.
– Избравме да тргнеме по сопствен пат и длабоки реформи во општеството, комплетна промена и реставрација на системот и на државата, нешто кое е целосен дискунтинуитет. Од се она што се случуваше досега, последниве 30 години, сите граѓани, политички организации, невладини организации па и политички партии можат да бидат дел од „Македонски концепт“, рече Богојески.
На прашање како ќе се позиционираат за изборите, Богојески посочи дека тоа зависи од граѓаните и доколку организациите, политичките партии и граѓаните го поткрепат овој концепт, смета дека има добра шанса.
– Тоа зависи од граѓаните, доколку овој денешен наш апел наиде на слух кај организациите, кај политичките партии и кај граѓаните пред се и доколку граѓаните го поткрепат овој концепт и ова видување мислиме дека има добра шанса без разлика на измените или на изборниот модел ние да понудиме поинакви, поиновативни и поквалитетни решенија од оние кои денес ги нудат актуелните неколку програми, рече Богојески.
Во однос на тоа дали ќе имаат листи на изборите тој појасни дека за тоа ќе донесат одлука во зависност од одзивот и поддршката на која ќе наидат кај јавноста и граѓаните.
Богојески појасни дека „Македонски концепт“ не е политичка партија, туку платформа или политичка програма, која се промовира во рамки на регистрираната Унија на европски федералисти на Македонија која пред недела дена стана официјален дел на Унијата на европски федералисти во Европа, додавајќи дека таа е политичка организација која дава силна поддршка на процесот на продлабочување, но истовремено и проширување на Европската Унија.
Во моментов платформата ја финансираат од сопствени извори и од пријатели кои гледаат иднина во неа, и се надеваат дека во иднина ќе обезбедат дополнителни средства за да можат да бидат поприсутни кампањски во јавниот простор, но и на терен меѓу граѓаните.