„Волшебната плетенка“ од С. Василовска: Да треперите и да се соживувате со безизлезноста во некои ситуации…

Денеска во Пехчево се одржа промоцијата на книгата раскази „Волшебната плетенка“ од Станка Василовска, што е нејзина втора книга со автобиогрфаски елемнти.

„Волшебната плетенка“ ја промовираше истакнатиот македонски писател Горјан Петревски.

„Кога ќе се навлезе низ збиднувањата на дваесет и неколкуте раскази, колку што го сочинуваат јадрото на книгата „Волшебната плетенка“ од Станка Василовска, не може да се иземе податокот дека сме се соочиле со вадхновен раскажувач, но и беспрекорен педагог, можеби кротка учителка, или ако сакате, омилена наставничка, која умее да го освои просторот околу себе, ќе биде почитувана, арно ама и советодавач на околината која ги разбира луѓето и нивните проблеми. Уште од самиот почеток на секоја приказна ќе ве заскокотка љубопитноста што ќе се случи и каква е разрешницата, зашто загатката е умешно поставена, а епилогот не се насетува, така што може да биде и сосема неочекуван. Но и тоа дека сте навлегле во океанот наречен Живот и тоа на голема врата, па ви се дава можност да судите и да прерасудувате, и да треперите и да се соживувате со безизлезноста во некои ситуации на нечие живеење, на нечија животна судбина“, рече промоторот Горјан Петревески во дел од своето излагање.

Авторката Станка Василовска рече дека токму Горјан Петревски ја инспирирал за втората книга, откако ја прочитал нејзината прва книга „Од дното до врвот“ автобиографски роман со раскази објавен во 2013 година. Петревски на посреден начин ја охрабрил Василовска да продолжи да пишува и да се насочи на расказите.