Петнаесет нови наслови од едицијата „Превод на 1.000 стручни и научни книги“ беа промовира денеска во рамки на 51-вата промоција, на која учествуваа премиерот Никола Груевски и министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.
Станува збор за капитален проект, во рамки на кој денеска се промовираа книги од областа на машинството и електротехниката, земјоделството и ветерината, природно-математичката област, медицината, културата, правото, филозофијата и филологијата.
„Пред нас имаме нов комплет на врвни книги кои како и сите останати кои сме ги промовирале во изминaтиот период претставуваат дела кои се високо оценети и забележани од светската наука. Една убава мисла вели – Некои книги се незаслужно заборавени, но ниту една книга не е незаслужно запаметена и нотирана како посебна и како врвна во својата област“, рече денеска премиерот Груевски.
За ресорниот министер, ове книги веќе стануваат дел од задолжителната литература за повеќе предмети на факултетите.
„Овие 860 досега преведени дела од светски познати автори, постепено стануваат задолжителна литература за секој предмет и испит. Македонските професори се’ повеќе им ги препорачуваат на нивните студенти, бидејќи и самите тие ги користат во нивните предавања и истражувања. И мојата препорака до студентите е колку што е можно повеќе да ги користат овие книги, за поуспешно совладување на материјалот кој што им е издаден“, рече денеска Ристовски.