Онлајн промоција на две книги за правоговор во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“ ќе се одржи денеска во 19 часот преку платформата „Зум“ и на фејсбук страната на „Литература.мк“.
Првата книга е реиздание на „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“ од авторите Владо Димовски и Јордан Јорданоски, а ќе биде претставена и новата книга на Димовски, „За секоја буква приказна“.
Покрај авторот Владо Димовски, на онлајн промоцијата ќе се вклучат Горан Петрушев, дипломиран дефектолог-логопед во ЈЗУ Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас и Андријана Савевска-Љоровска, дефектолг која работи како воспитувач во јавната установа за деца со социјални проблеми „25 Мај“.
-Првото издание на „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“, на кое Димовски е ко-автор со сега починатиот Јордан Јорданоски, е објавено во 1995 година. Книгата и денес претставува еден од најупотребуваните практични прирачници во областа на артикулативно-говорна и јазична проблематика. По цели 25 години прирачникот излегува повторно од печат, преуредено и осовременето со нови илустрации, што одговараат за дадената (лексичка) положба на секоја од разработените фонеми, соопшти „Арс Ламина“.
„Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“, како што се подвлекува во соопштението, е практичен прирачник наменет за стручните работници во институциите што се занимаваат со артикулативно-говорна и јазична проблематика, за дефектолошките и филолошките образовни институции, за родителите чии деца имаат артикулативно-говорни тешкотии, за стручните работници од предучилишните воспитно-образовни установи, за работници што настапуваат професионално преку масовните медиуми, како и за секој љубопитен за оваа област.