Промовирани нови мерки за вработување

вработување

Од денеска сите невработени лица во социјален ризик и компании кои сакат да вработат вакви лица ќе можат да аплицираат за условен паричен надоместок за субвенционирано вработување на лица од оваа категорија. Денеска е објавен и оглас за кредитирање правни субјекти за отворање нови работни места, како и кредитирање за самовработување преку отворање сопствен бизнис, информира на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими.

Притоа на работодавачите ќе им бидат понудени три вида поволности. Првата е шестмесечно субвенционирање бруто плата за вработување регистрирани невработени лица во социјален ризик, со обврска работодавачот да ги задржи на работа уште најмалку шест месеци. Притоа вработените лица кои немаат квалификации ќе добиваат субвенција во износ од 14.900 денари, а лицата со повисок степен на образование и оние кои ќе извршуваат покомплексни задачи ќе добиваат субвенција во висина од 17.000 денари.

Дополнително во текот на првите шест месеци на работодавачот ќе му се исплаќаат и по 5.000 денари месечно по вработено лице, наменети за покривање на трошоците за обука и материјали.

Втората поволност е шестмесечно субвенционирање нето плата за работодавачи кои ќе вработат невработени лица во социјален ризик, и 60-месечно ослободување од плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување. Третата поволност е шестмесечно субвенционирање нето плата за оваа категорија граѓани и 36-месечно ослободување од плаќање придонеси, со обврска работникот да биде задржан на работа дополнителни 12 месеци.

За работодавачите кои ќе се одлучат за вториот или третиот избор субвенцијата ќе се исплаќа во два износа, еден од 10.500 денари за лицата кои немаат квалификации и 11.900 за лица со повисок степен на образование или кои ќе извршуваат покомплексни работни задачи, рече Ибрахими.

Приоритетни целни групи се корисници на социјална парична помош на возраст меѓу 16 и 29 години, лица кои до 18-годишна возраст имале статус на деца без родители и родителска грижа, како и лица корисници на условен паричен надомест за средно образование. Во социјално ранливи категории влегуваат членови на семејства корисници на постојана парична помош и детски додаток, жртви на семејно насилство сместени во заштитни центри, лица корисници на државна стипендија, и лица до 29 години со понизок семеен приход.

Во изминатиот период од имплементацијата на мерките од оваа Програма потпишани се вкупно 167 договори со работодавачи кои вработиле 213 лица. Од нив, 56 проценти се млади лица до 29 години, а 32 процента се жени.

На прес-конференцијата министерот ја промовираше и Програмата за кредитирање правни субјекти за отворање нови работни места, а корисници можат да бидат микро и мали претпријатија регистрирани најмалку една година пред денот на објавувањето на огласот, имаат вработено најмалку едно лице, и не го намалиле бројот на вработени во последните шест месеци.

Право на вработување преку оваа мерка имаат невработените лица кои не биле во работен однос три месеци пред објавувањето на овој оглас. Со мерката се предвидува компаниите да се кредитираат со 3.000 евра по вработено лице со максимален износ до 9.000 евра за три нововработени лица. И во оваа Програма посебна целна група се младите до 29 години за чие вработување кредитирањето изнесува 4.000 евра по вработено лице, со максимален износ до 12.000 евра за три нововработени лица. Преку оваа Програма досега се вработени 875 лица.

Промовирана беше и Програмата за самовработување со кредитирање преку започнување сопствен бизнис. За дејности од помал обем ќе се доделуваат по 3.000 евра за секое новоотворено работно место при што ќе се финансираат проекти со најмногу три работни места, односно до 9.000 евра.

За дејности од поголем обем за кредитобарателот ќе се доделуваат по 5.000 евра, а за секое новоотворено работно место со 3.000 евра. Ќе се финансираат проекти со најмногу пет работни места, односно до 17.000 евра. Рок на враќање на средствата е три години со грејс-период од една година за кредити до 9.000 евра, односно пет години со грејс-период од една година за кредити над 9.000 евра, појасни директората на Центарот за вработување-Скопје Слободанка Алексовска.

Дополнителни средства до илјада евра ќе се доделуваат за вработување лица кои се невработени по основ на технолошки вишок, стечај, ликвидација и се невработени повеќе од три години. Преку овие мерки досега се регистрирани 3.343 правни субјекти, а вработени се вкупно 5.325 лица. Од нив 1.322 се индивидуални земјоделци или вршители на земјоделска дејност.

И во оваа Програма посебна целна група се младите до 29 години при што за кредитобарателот ќе се доделуваат по 7.000 евра, а за секое новоотворено работно место по дополнителни илјада евра на основниот износ од 3.000 евра. Притоа ќе се финансираат проекти со најмногу пет работни места, односно до 23.000 евра. Рок на враќање на овие средства е седум години, односно грејс-период од 18 месеци и отплата на 66 месеци. Со оваа Програма за млади лица досега се регистрирани 476 правни субјекти, а вработени се 556 лица.

Министерот Ибрахими ги повика сите заинтересирани работодавачи и невработени лица да се пријават по објавените јавни огласи и да посетат еден од 30-те центри за вработување на АВРМ каде ќе можат да ги добијат и подеталните информации за вклучување во некоја од програмите.