Пронајдени остатоци од „Титан“ и човечки останки на патниците и се дадени за понатамошна истрага

Американската крајбрежна стража потврди дека остатоците од туристичката подморница „Титан“, и како што се претпоставува, останки од телата на пет патници, се пронајдени и извлечени на брегот за истрага.

Деловите од „Титан“, кој имплодираше на 18 јуни додека се спушташе кон потонатиот Титаник, како и остатоците од телата на патниците беа пренесени во пристаништето Сент Џонс, во Њуфаундленд, Канада, околу 650 километри северно од местото на несреќата.

Крајбрежната стража ќе ги транспортира до американското пристаниште каде што ќе бидат анализирани од истражното тело на морнарицата формирано оваа недела кое официјално ја истражува несреќата.

Американски експерти ќе направат и официјална анализа на остатоците од телата на патниците, кои се внимателно извадени од местото на несреќата, се додава во соопштението на крајбрежната стража, пренесува Ројтерс.

Се очекува испитувањето на остатоците да ги расветли причините за имплозијата на подморницата „Титан“ со која пет лица се упатија кон потонатиот брод Титаник

Фрагменти од подморницата, која изгубила контакт со бродот околу еден час и 45 минути по почетокот на двочасовното нуркање, биле пронајдени на длабочина од околу четири километри на дното на океанот, на околу 500 метри од потонатиот брод на Титаник.