Пронајдени сите десет тела и „црните кутии“ од авионот во кој бил Пригожин

Руските истражители објавија во петокот дека ги пронашле телата на сите десет патници и членови на екипажот во урнатиот авион на чија листа на летото фигурира и името на Евгениј Пригожин, шефот на приватната воена компанија „Вагнер“, а пронајдени се и ткн „црни кутии“ кои треба да помогнат во расветлувањето на несреќата.

Малку претходно во петокот вечерта беше објавено дека е пронајден и вториот дел од авионот. Локацијата на која е пронајден вториот дел од авионот може да биде многу важна за истрагата за причината за авионската несреќа во која загина Пригожин, сметаат руските и западните медиуми.

Руските медиуми објавија и видео од вториот дел од авионот на Пригожин, кој се состои од крила и опрема за слетување, на кои нема траги од дејствување на противвоздушна одбрана.

Во падот на млазниот приватен авион за деловни летови „Embraer Legacy“ северозападно од руската престолнина Москва во средата вечерта загинале сите десет лица.

Рускиот оператор за воздухопловен сообраќај потврди дека Пригожин и уште двајца највисоки борбени командати на паравоената формација „Вагнер“ биле на листата патници. Меѓутоа, досега ниедно од лицата на тој список не е официјално прогласено за мртво, бидејќи во тек се генетските испитувања.

Се појаснува и дека истражителите ги подигнале и двата уреда кои ги снимаат податоците за летот и за разговорите во пилотската кабина и комуникацијата со контролата на летањето. Обезбедена е, исто така, и документација којашто е важна за утврдување на сите причини за падот. Дополнително, назначени се и потребните судски вештачења.

„Телата на десетте жртви се на местото на несреќата. Во тек се анализи за да се утврди нивниот идентитет. Истражителите ги преземаа црните кутии и се спроведува темелна анализа“, објави на Telegram рускиот Истражен комитет.