Независниот мексикански 62-годишен новинар Хуан Архон Лопез кој исчезнал на 9-ти август е пронајден мртво во северозападната мексиканска сојузна држава Сонора, соопшти во вторникот државното обвинителство.
Телото на Лопез, основач на информативниот портал A que le temes (Од што се плашиш?) е пронајдено во градот Сан Луис Рио Колорадо, во близина на границата со САД, изјави за новинарите државната обвинителка на Сонора, Индира Контрерас.
Причината за смртта, се наведува во соопштението на обвинителството, е удар во главата со тап предмет.
„Ниеден мотив во истрагата не може да биде исклучен“, додаде обвинителката Контрерас.
Како што објавија Репортери без граници (RSF), Лопез покрај новинарската работа, работел и во локален ресторан.
Од почетокот на годинава се убиени 13 новинари во Мексико, којашто е најопасната земја за оваа професија во светот, наведуваат RSF. Организацијата засега не го вбројува Лопез меѓу овие жртви.
Според мексиканската влада, пак, досега во 2022 година се убиени десет новинари, бидејќи ги смета само оние кои ги загубиле животите извршувајќи ја својата работа.
Лопез ја основал страницата A que le temps на Facebook во 2020 година, на која објавувал најразлични информации. Неговите последни написи се објавени на 2-ри август и зборуваат за враќање предмети украдени во еден дом и за заплена на дрога.