Израелската војска го пронашла телото на уште еден од заложниците во Газа, кое било пронајдено заедно со телата на уште тројца заложници чии идентитети беа потврдени во петокот, објави BBC.
Станува збор за 53-годишниот Рон Бенјамин, кој учествувал во групно возење велосипед во близина на границата со Појасот Газа, непосредно пред нападот на Хамас на 7 октомври минатата година.
Околу 1.200 луѓе загинаа во напад без преседан кога вооружени лица на Хамас упаднаа во јужен Израел и зедоа 252 лица како заложници во Газа.
Портпаролот на израелската армија, контраадмиралот Даниел Хагари, изјави дека израелската разузнавачка служба утврдила дека Бенјамин бил убиен веднаш на 7-ми октомври на раскрсницата Мефалсим и дека неговото семејство било информирано за идентификацијата.
Израелскиот Форум за заложници и исчезнати лица објави дека Бенјамин бил семеен човек кој сакал велосипедизам и одел да вози секоја сабота, исто како и во кобната сабота кога бил киднапиран во близина на кибуцот Бе’ри.
„Рон сакаше да патува низ Израел и ширум светот, а ја сакаше и музиката“, соопшти Форумот.
Телото на Бенјамин било пронајдено во истата операција во којашто беа откриени и телата на Шани Лук, Амит Бускила и Ицак Гелерентер.