Пронајдени главата, нозете и облеката на убиената шведска новинарка

Данската полиција објави во саботата дека ја пронашла отсечената глава, нозете и облеката на шведската новинарка Ким Вол, којашто исчезна откако го интервјуираше данскиот пронаоѓач на подморница којашто тој самиот ја направил.

Полицискиот инспектор во данската престолнина, Јенс Милер Јенсен, изјави дека деловите од телот се пронајдени во петокот во една пластична вреќа, а во друга била нејзината облека, покрај нож и „делови од тежок метал“, за полесно да потонат.

Пронајдени се во близина на местото каде што на 21-ви август беше пронајдено и нејзиното торзо, пренесува AFP, додавајќи дека рацете на новинарката сѐ уште не се пронајдени.

Пронаоѓачот Петер Медсен е осомничен за убиството и се наоѓа во истражен притвор. Тој тврди дека Вол загинала откако случајно била удрена од тежок дел во подморницата. Полицијата, наспроти тоа, тврди дека во нејзиното торзо се најдени 15 убодни рани.