Властите во Индонезија соопштија дека спасувачките тимови забележале остатоци од авионот на „Ер Азија“. Покрај тоа, тимовите пронашле и тела на жртви недалеку од местото каде се верува дека авионот паднал, пишува Фокс Њуз, пренесува Нетпрес.
Забележани се неколку објекти во Јаванското море во близина на индонезискиот дел на островот Борнео. Според властите ова е досега најзначајниот траг на кој наишле.
– Забележавме десетина големи и голем број други мали бели објекти на површината на водата. Локацијата се наоѓа на десет километри оддалеченост од местото каде за последен пат бил остварен контакт со авионот. Не можеме точно да кажеме за што станува збор, но се молиме тоа да биде тоа, изјавил портпаролот на индонезиската војска Агус Дви Путранто.
За време на третиот ден од потрагата на еден од островите во Јаванското море бил забележан чад.
Инаку авионот на „Ер Азија“ беше на половина пат до Сингапур кога исчезна од радарот. Пред целосно да биде изгубен контактот, пилотот побарал од контролата на летот да ја зголеми висината за да го избегне невремето.
Неговото барање било одбиено, затоа што во тоа подрачје се наоѓал друг авион. По ова целосно била прекината комуникацијата, а од пилотската кабина не била побарана помош.