Пропадна протестот на КСС, членовите обвинуваат за притисоци

Денеска во 16 требаше да бидат блокирани крстосниците кај Собрание и Влада, но до тоа не дојде. Малку членови на Конфедерацијата на слободни синдикати, КСС, се појавија на закажаниот протест. Лидерот на Конфедерацијата обвини за притисоци.

-Имаме дојави дека се прават огромни притисоци врз нашите членови, да не излегуваат на протести. Која е причината, сите ја знаеме. Доколку излезат на протести и бидат видени на камери, им се закануваат со губење на работно место, открија од КСС.

Конфедерацијата на слободни синдикати се реши да организира протести со кои ќе побара усогласување на платите во јавниот сектор со минималната плата од 18.000 денари.

Според најавите, протестите требаше да се одржуваат од денеска до петок во траење од 16 до 17 часот. Дали тоа ќе се случи или КСС ќе делува поинаку ќе се знае вечерва по состанокот во Синдикатот.