Свадбата на млад Британец по име Томас Кук пропадна поради банкротот на британскиот туристички гигант „Thomas Cook“, пренесува во понеделникот порталот Nottinghamshire Live.
Според порталот, 29-годишниот жител на градот Хакнол и неговата девојка Амелија Бинч долетале на грчкиот остров Родос на 18-ти септември и трабало да се венчаат во хотелот „Lindos Princess“ на 27-ми септември. Малерозната двојка направила резервација за свадбеното патување во „Thomas Cook“.
Порталот додава дека гостите на свадбената веселба требало да допатуваат во наредните денови. На Кук и на неговата избраничка, меѓутоа, сега им било кажано, дека свадбата може и да не се случи, затоа што резервацијата на компанијата вклучувала свадбена церемонија, цвеќиња, торта, украси и забавна програма. Тие требало да се вратат дома на 3-ти октомври, но им било речено да бидат подготвени за заминување секој ден.
„Во Thomas Cook ветија дека ќе нѐ изненадат на нашата свадба поради моето име, но ова не е изненадувањето коешто го очекуваме“, го цитира порталот маладоженецот.
Според него, повеќе од 30 членови на семејствата и пријатели треба да присуствуваат на свадбата, а половината од нив досега сѐ уште не заминале, како и кумот кој сѐ уште е во Англија.
„Ова го планирав две години, а сега сето тоа отиде во бестрага. Плативме за сѐ. Сѐ се стори пепел. Не знаеме што можеме да направиме“, додава Кук.
Невестата и младоженецот потрошиле околу 10.000 фунти на патувањето. Двојката која е заедно веќе 12 години, го избрале Родос затоа што сакале да стапат во брак во странство, а и затоа што свадбата на овој грчки остров би ги чинела поевтино отколку во Британија.
„Ова е страшно…. Не очекувате дека може да се случи нешто вакво со таква компанија. Затоа и резервиравме кај нив. А сега тоа ќе нѐ чини скапо“, се жали невестата.
Најстарата туристичка агенција во светот основана во 1841 година во понеделникот утрото објави принудна ликвидација. Стотици илјади патници ширум светот останаа незгрижени, што ќе ја предизвика најголемата мирнодопска операција на враќање луѓе во британската историја.
До последниот момент компанијата, која подолг период имаше проблем со сервисирањето на заемите, разговараше за условите за реструктуирање на долгот со главниот акционер кинеската „Fosun Tourism Group“ и со кредиторите, со цел да ја затвори „дупката“ од дополнителни 200 милиони фунти, за да постигне договор со заемодавците за докапитализацијата која требаше да ` помогне да ги намали долговите и да го преброди зимскиот период на слабата побарувачка на патувањата. Меѓутоа, преговорите не успеаја.