Украинските власти денеска ја опишаа ситуацијата во Мариупол како исклучително тешка, наведувајќи дека не успеале да воспостават нов безбеден коридор за евакуација на цивилите од опколениот град.
Украина претходно го отфрли повикот на Русија да се предаде Мариупол, откако руската армија им нареди на Украинците во градот да се предадат до 5 часот наутро денеска.
„Се разбира, ги отфрливме овие предлози“, изјави украинската вицепремиерка Ирина Верешчук.
Таа изјави дека денеска е постигнат договор со Русија за создавање на осум хуманитарни коридори за евакуација на цивилите од опколените градови, но меѓу нив не е Мариупол.
Верешчук истакна дека напорите да се дојде до хуманитарни залихи до Мариупол повторно пропаднале.
– Ситуацијата таму е многу тешка, изјави Верешчук.
Лидерот на прорускиот сепаратистички регион Доњецк вели дека ќе биде потребно „не помалку од една недела“ за да се заземе Мариупол, јави новинската агенција ИФАКС, пренесува Скај њуз.
Падот на Мариупол ќе им овозможи на руските сили во јужна и источна Украина да се обединат и да формираат копнен коридор меѓу источните региони Доњецк и Луганск и Крим, кои веќе се под руска контрола.
Пред војната со Русија, јужниот пристанишен град беше центар за индустрија, како и за високо образование и бизнис.