Илјадници демонстранти излегоа на улиците на неколку големи градови низ светот во саботата за да побараат прекин на крвопролевањето во Газа, додека конфликтот во палестинската енклава се приближува на првата годишнина и се шири низ целиот регион.
Околу 40.000 пропалестински демонстранти маршираа низ центарот на Лондон, а десетици илјадници се собраа во Берлин, Париз, Рим, Манила и Кејп Таун.
Војната започна кога милитантната палестинска група Хамас го нападна јужниот дел на Израел на 7 октомври 2023 година. Според израелските податоци, загинале 1.200 луѓе, а околу 250 биле земени како заложници. Во израелскиот одмазднички напад врз Газа, што следеше, загинаа речиси 50.000 Палестинци и раселено е речиси целото население на енклавата од 2,4 милиони жители, покажуваат податоците на Министерството за здравство на Газа.
„За жал, и покрај сета наша добра волја, израелската влада не обрнува внимание на тоа. Тоа само продолжува со злосторствата во Газа, сега во Либан и Јемен, а веројатно и во Иран. И нашата влада, нашата британска влада, за жал, издава само изјави и изјави, продолжувајќи да му доставува оружје на Израел“, изјавила за Reuters демонстрантката Агнес Кори, која протестирала во Лондон.
Во Лондон, произраелските поддржувачи вееја знамиња додека пропалестинските демонстранти минуваа. Според полицијата, на маргините на протестот биле уапсени 15 лица. Полицијата не соопштува на која група припаѓаат приведените.
По судирите во Рим, полицијата се обиде да ги растера демонстрантите со водени топови и солзавец. Околу 6.000 демонстранти се собраа таму, пркосејќи на забраната за мирни демонстрации во центарот на градот пред годишнината на 7-ми октомври.
На протестот по слоганот „Година на геноцидот – Светот гледа. Против полициското насилство“ во Берлин се собраа околу 1.000 демонстранти, според процените на полицијата. Тие вееја палестински знамиња додека извикуваа „Година на геноцидот“, термин кој Израел го оспорува, велејќи дека само се брани. Демонстрантите го критикуваа и полициското насилство врз пропалестинските демонстранти во Германија.
Поддржувачите на Израел во Берлин протестираа против се поизразениот антисемитизам. Таму избувнаа судири меѓу полицијата и пропалестинските контрадемонстранти.
Минатата година, обемот на убиствата и уништувањата во Газа предизвика некои од најголемите светски протести во последните години. Поддржувачите на израелската страна тврдат дека овој бран на гнев поттикнал и создал антисемитска атмосфера во која демонстрантите го доведуваат во прашање правото на Израел да постои како нација.
Војната во Газа се прошири низ целиот регион, привлекувајќи групи поддржани од Иран во Либан, Јемен и Ирак. Израел нагло ја засили својата кампања против либанската група Хезболах, поддржана од Иран, во последните неколку недели, а Иран истрела ракети врз Израел оваа недела.
„Се плашиме од регионална војна, бидејќи во моментов има тензии со Иран, а можеби и со Ирак и Јемен. Навистина мораме да ја запреме војната бидејќи таа сега стана неподнослива“, рекол демонстрант Хусам Хусеин, со либанско-француско потекло, кој демонстрираше во Париз.
Во саботата пропалестински собири се одржаа и во дваесетина градови во кралството, повеќето од нив започнаа вечерта, вклучително и во Мадрид, како и во Жирона, Гранада, Памплона, Аликанте, Кадиз, Сантандер, Аресифе и Мурсија. Демонстрациите во Мадрид, на кои присуствуваа неколку илјади луѓе, започнаа веднаш до железничката станица Аточа, историскиот симбол на градот, од каде насобраниот народ тргна кон еден од централните плоштади Сол, известуваат медиумите.
Главните барања на демонстрантите беа повици за прекин на насилството на Блискиот исток. Демонстрантите ја повикуваат меѓународната заедница да преземе мерки за решавање на палестинско-израелскиот конфликт, како и да обезбеди заштита на правата на Палестинците.
Протестите, одржани под слоганот „Стоп за геноцидот во Палестина, стоп за трговијата со оружје и односите со Израел“, се планирани како дел од 10-тата национална мобилизација за поддршка на Палестина. Во недела, од пладне, демонстрации ќе се одржат во Барселона, Валенсија, Кордоба, Малага, Хихон, Сорија и други градови. Дополнително, во понеделник вечерта протести ќе се одржат и во Севиља, Сарагоса, Хаен, Лас Палмас и Алкој.
Активистите во Манила се судрија и со полицијата. Прво беа спречени да одржат протест пред американската амбасада во главниот град на Филипините. Тие се собраа таму за да протестираат дека САД го снабдуваат Израел со оружје.
Протести по повод првата годишнина од почетокот на нападот ќе се одржат во сабота и во други земји и градови низ светот, на пример во САД и Чиле, а за викендот се планирани и собири за поддршка на Израел.
Додека сојузниците на Израел, како што се САД, го поддржуваат правото на земјата на „самоодбрана“, Израел се соочува со огромна осуда од меѓународната заедница за неговите операции во Газа, а од неодамна и за неговото бомбардирање на Либан. Премиерот Бенјамин Нетанјаху се спротивставува на критиките и вели дека неговата влада мора да дејствува за да спречи уште еден напад на Хамас како оној на 7 октомври.
Меѓународната дипломатија во која се наметнива Вашингтон, досега не успеа да постигне договор за прекин на огнот во Газа. Хамас сака да се постигне договор за завршување на војната, додека Израел верува дека борбите можат да завршат само кога Хамас ќе биде целосно искоренeт.