Пропалестинските студенти се жалат дека Харвард не ги заштитил од заканите

Повеќе од десетина студенти во понеделникот обвинија дека Универзитетот Харвард не успеал да ги заштити од вознемирување и закани врз основа на нивниот палестински и арапски идентитет, соопшти групата што ги застапува.

Муслиманскиот правен фонд на Америка соопшти дека неговиот правен оддел во името на студентите во понеделникот поднел жалба до Бирото за граѓански права при Министерството за образование на САД. Жалбата поттикна истрага на Харвард.

Поборниците за човекови права забележале пораст на исламофобијата, антипалестинската пристрасност и антисемитизмот во САД од избувнувањето на војната на Блискиот исток.

Меѓу антипалестинските инциденти кои предизвикаа тревога беше пукањето во ноември во Вермонт врз тројца ученици од палестинско потекло и фаталното прободување со нож на шестгодишното палестинско-американско дете во Илиноис во октомври.

Студентите од Харвард обвинија за „малтретирање, заплашување, закани и повеќе засновани и уште многу нешта само врз основа на тоа што се Палестинци, Арапи, муслимани и поддржувачи на палестинските права“, соопшти групата. Се додава дека студентите биле изложени и на расистички напади, објавување лични информации, следења и напади.

Портпаролот на Харвард изјави дека универзитетот нема коментар за тужбата во понеделникот, но додаде дека Харвард има ресурси за поддршка на студентите, вклучително и работна група најавена во петокот за борба против исламофобијата и антиарапската пристрасност.

Харвард и другите американски колеџи вриеја од тензии поради одговорот на нападот на Хамас врз Израел на 7-ми октомври и последователната израелска офанзива во Газа.

На почетокот на овој месец, Афроамериканката Клодин Геј поднесе оставка на позицијата претседателка на Харвард, откако беше жестоко критикувана во американските мејнстрим медиуми, дека наводно ја „одолговлекувала нејзината осуда“ за нападот на Хамас, како и дека пред Конгресот на 5-ти декември „пропуштила јасно да каже“ дека повикот за геноцид врз Евреите го прекршува кодексот на однесување на Харвард.

Таа и уште двајца претседатели на универзитетот одбија да дадат дефинитивен „да“ или „не“ одговор на тоа дали повикувањето на еврејскиот геноцид би ги прекршило кодексите на однесување на нивните училишта за малтретирање и вознемирување, велејќи дека тоа ќе треба да биде избалансирано со заштитата на слободата на говорот. .

Некои студенти тврдеа дека Харвард се заканувал „да ги ограничи или повлече идните академски можности на студентите“, соопшти во понеделникот Муслиманскиот правен фонд на Америка.

Некои од тие студенти имаат семејство во Газа, каде што локалните здравствени власти велат дека повеќе од 26.000 луѓе се убиени откако Израел започна воена офанзива како одговор на бруталниот напад на палестинската исламистичка група Хамас на 7 октомври, во кое загинаа 1.200 луѓе, според израелските податоци.

На 10-ти јануари еврејските студенти го тужеа универзитетот Харвард затоа што, како што тврдат, дозволил нивниот кампус да стане „бастион“ на „неконтролиран“ антисемитизам. Го обвинија Харвард дека „селективно“ ја спроведува својата политика за антидискриминација за да избегне заштита на еврејските студенти од вознемирување, со игнорирање на нивните молби за заштита и дека вработува професори кои поддржуваат насилство врз Евреите и шират антисемитска пропаганда.

Повеќе од 30 студентски групи на Харвард потпишаа петиција ден по нападот на Хамас на 7-ми октомври, обвинувајќи го Израел. Поради тоа, во тужбата се вели и дека на Харвард „му требало еден ден“ да одговори, нудејќи „флоскули“ но не осуда на петицијата или поддршка за еврејските студенти.