Проруските сепаратисти ја уточнуваат бројката цивили во фабрички комплекс во Северодонецк

Во моментов се проверуваат информациите за присуството на цивили во фабриката „Азот“ во Северодонецк на работ на одметнатиот проруски регион Луганск за кој се водат жестоки борби, изјави за руските медиуми во петокот портпаролот на сепаратистичките војски, Иван Филипоненко.

Шефот на службата за односи со јавноста на одбраната на самопрогласената Луганска Народна Република додал дека во тек е проверката на податоците и одбил да даде конкретни бројки за состојбата со цивилите во фабриката „Азот“ и порачал „да се почекаат уточнувањата“.

Претходно Андреј Марочко, офицер на луганските сили изјави дека постојат сомневања дека во фабриката крај Северодонецк може да има и цивили, исто како и во случајот на металуршкиот комбинат „Азовстал“ кај Мариупол, од каде постепено беа извлекувани цивилите сокриени во подземните коридори.

Истовремено, Апти Алаудинов, еден од водачите на чеченските сили кои им помагаат на проруските сили во Луганск, изјави дека според информациите добиени од заробен украински војни, претходно седмицава при повлекување до Северодонецк, борците на злогласниот украински баталјон „Ајдар“ составен од припадниците на крајно десните движења, земале околу 300  цивили и ги однеле на територијата на комбинатот „Азот“.

Од друга страна челникот на воено-цивилната администрација на Луганск поставен од Киев, Серхиј Хајдар, изјави дека во засолништата во „Азот“ има околу 800 цивили.

Заземањето на Свередонецк се смета за клучно за натамошниот тек на борбите, бидејќи контролата на провремената престолнина од страна на властите во Киев на регионот Луганск, кој во најголем дел е под контрола на проруските сепаратисти. Со заземањето на Северодонецк и помалиот близок град Лисичанск, руските сили би ја контролирале целата административна територија на регионот Луганск од пред превратот во 2014 година. А тоа, покрај поврзувањето на полуостровот Крим со другиот проруски сепаратистички регион Доњецк, би претставувало остварување на една од главните цели на руската воена операција во Украина.

Според последните информации од теренот, проруските сили контролираат повеќе од 95 отсто административната територија на Лиганскиот регион. Во текот на изминатата ноќ, како што објави во петокот украинската војска успеала да ги одржи позициите, додека во Луганск тврдат дека нивните сили контролираат 70 отсто од Северодонецк.

„Борбите продолжуваат во центарот на Северодонецк“, соопшти генералштабот на украинската војска и се додава дека руските сили и натаму ги гранатираат позициите во градот и во предградијата Боровск и Устиновка, како и во Лисичанск. Се наведува дека бил одбиен и рускиот обид да ја прекине линијата за снабдување кон западот во подрачјето околу Бахмут.