Никој нема да го исполни ултиматумот на украинскиот претседател Владимир Зеленески за повлекување на руските сили од територијата на нуклеарната централа Запорожје, бидејќи тоа би била самоубиствена одлука, изјави во средата Владимир Рогов член на Главниот совет на воено-цивилната управа на јужниот украински регион формирана откако падна под контрола на сепаратистичките проруски и единиците на руската војска.
Претходно Зеленски ја повика меѓународната заедница да изврши дополнителен притисок врз Москва и да ја принуди да ги повлече руските единици од околината и територијата на нуклеарната централа во Запорожје, заземена на почетокот од руската офанзива на почетокот од март. Руските трупи ја контролираат самата централа и околната област, а во нуклеарката сѐ уште работи украински кадар.
„Ултиматумот на Зеленски, преведен на човечки јазик, значи само едно: да се врати контролата врз нуклеарната централа за да можат да продолжат со експериментите за создавање на ткн ‘валкана бомба“ и да го држи целиот свет во заложништво. Давањето на нуклеарката, која милитантите на Зеленски ја гранатираат четири месеци, е еднакво на самоубиство и таква одлука нема да биде донесена“, изјавил Рогов за руските медиуми.
Според него, во моментов заштитата на нуклеарната централа во близина на градот Енергодар ја обезбедуваат руските системи за противвоздушна одбрана.
„Тоа е единствената гаранција за безбедноста на нуклеарната централа од терористичките напади на милитантите на Зеленски. Зеленски – тоа е банкротиран измамник кој ја зали земјата со крв на обичните луѓе и заработува од тоа. Русија е суверена држава и никој не смее да зборува со неа со јазикот на ултиматумите“, додал Рогов.
Последните седмици Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат за гранатирање на најголемата нуклеарна централа во Европа, што ги разгоре стравовите на континентот од можна нуклеарна катастрофа од големи размери. Малку е веројатно дека руската војска би ги гранатирала сопствените позиции, бидејќи ја има контролата врз централата уште од почетокот на март. Во гранатирањето веќе е оштетена високонапонската врска на трафостаницата Каховскаја, по што мораше да се намали капацитетот на две енергетски единици.
Поради гранатирањата расте страв дека е можна нуклеарна катастрофа како онаа во украински Чернобил во 1986 година. Украинската државна енергетска компанија „Енергоатом“ соопшти во петокот дека руските сили наводно планираат да ги исклучат функционалните енергетски блокови во централната и да го исклучат од украинската електрична мрежа, што е опасен процес. Според нив, исклучувањето на сложените генератори од украинската мрежа би оневозможило да бидат користени за ладење на нуклеарното гориво во случај на прекин на струјата во нуклеарката,
Исклучување на нуклеарна централа е комплициран процес во кој треба да се запре нуклеарна верижна реакција и да се спречи нуклеарното гориво да се загрее и предизвика тлеење на јадрото на реакторот.