Просечна македонска месечна плата во Данска се заработува за 10 часа

Расте цената на трудот во земјите на Европската Унија. Во првиот квартал од оваа година европската статистичка канцеларија Евростат измерила просечен годишен раст на сатницата на работниците од 2,4 проценти во земјите од еврозоната и од 2,6 проценти во сите членки на Унијата.

Рекордери според растот на цената на трудот пресметана на час во ЕУ се Романија, каде за една година трошоците на работодавците за работниците станале повисоки за 16 проценти и Бугарија, каде се зголемиле за 13 насто. Истовремено, единствено во Грција има мало поевтинување на работничкиот труд од 0,2 процента.

Две главни компоненти според кои Евростат ги прави пресметките за цената на трудот се платите и другите давачки за работниците. Во еврозоната во првото годинешно тримесечје платата за еден час работа пораснала за 2,5 процента, а другата компонента на цената на трудот за 2,2 процента. На ниво на ЕУ растот е 2,7 и 2,1 процент.

Во еврозоната минатата година, за кога се последните податоци на Евростат, просечната цена на трудот на час изнесувала 27,4 евра, додека во еврозоната била повисока и изнесувала 30,6 евра. Споредбата на сите 28 членки на ЕУ открива голема разлика на цената за час работа, која од земја до земја се движи од 5,4 до 43,5 евра. Најниската цена од 5,4 евра е во Бугарија, која од почетокот на годинава е втора во ЕУ според зголемувањето на трошоците за трудот. Највисоката од 43,5 евра е во Данска.

Другите трошоци на работодавците кои се дел од цената на трудот, а не се плата се највисоки во Франција и опфаќаат 32,6 проценти, како и во Шведска, каде изнесуваат 32,3 отсто од вкупните трошоци за трудот.

Македонскиот Државен завод за статистика не прави вакви пресметки, па состојбата со трошоците за еден час труд кај нас и во земјите на ЕУ не може коректно да се спореди. Сепак, некаков индикатор за тоа какви се тие движења кај нас може да биде растот на просечната плата. Таа на државно ниво од месец во месец, и како нето и како бруто сума е сè повисока.

Според последната пресметка, во јуни просечната нето плата по вработен во државата изнесувала 25.205 денари и нејзиниот годишен раст бил 4,1 процент. Истиот месец просечната бруто-плата изнесувала 37.440 денари, а  разликата од нето платата произлегува од придонесите за пензиско, инвалидско, здравствено и осигурување за невработеност, кои се задолжителни.

Најголем е придонесот за задолжителното пензиско осигурување кој изнесува 18 проценти, а работодавците се задолжени да платат уште 7,3 проценти за здравствено осигурување на работниците, половина процент дополнително здравствено осигурување во случај на повреда на работа или професионално заболување и 1,2 процента како осигурување во случај на невработеност.

Годишниот раст на бруто платата која ги опфаќа и сите овие давачки во јуни е поголем отколку на нето платата и изнесува 5,1 процент.

Сепак, ако се направи некаква груба споредба на трошоците за плати во ЕУ и нашата нето плата, излегува дека Данците, каде трудот е најценет, за 10 часа заработуваат цела месечна македонска просечна нето-плата.